Началникот на Генералштабот на француските вооружени сили, генерал Пјер до Вилие поднесе оставка од функцијата.

Неговата оставка се случува во тензична атмосфера откако претседателот Емануел Макрон предложи намалување на буџетот за одбраната. Претходно, Вилие пред Парламентот се изјасни против планираното намалување на средствата за армијата, но беше демантиран од Макрон.

Во соопштението на генерал Вилие наведува дека се обидел да ги одржи француските вооружени сили во готовност да ја вршат нивната тешка работа и покрај финансиските ограничувања.

- Во сегашната ситуација оценувам дека повеќе не сум во состојба да обезбедам одржлив воен модел, за кој верувам дека е неопходен, за да ја гарантира заштитата на Франција и на Французите и да ги поддржува амбициите на нашата земја, се наведува во образложението на Вилие за оставката.

Шеесет и едно годишниот генерал де Вилие беше на оваа функција од февруари 2014 година, а неговиот мандат беше продолжен за една година, пред неполн месец, на 30 јуни.

На 12 јули, за време на парламентарното сослушување зад затворени врати, генералот со многу жестоки зборови ги критикуваше предлозите за буџетот на армијата, по што беше јавно „критикуван“ од претседателот Емануел Макрон, во предвечерието на националниот празник 14 јули.

- Мислам дека ми беше обврска да ги искажам моите резерви, на повеќе пати, зад затворени врати, со севкупната транспарентност и вистина, објаснува генералот во соопштението за печатот.

Со предложениот буџет, армијата требаше само оваа година да заштеди 850 милиони евра. Администрацијата на претседателот Макрон планира да го зголеми потоа буџетот за одбраната, кој треба да достигне 2 отсто од ВБП во 2025 година. Тогаш буџетот на армијата би изнесувал 50 милијарди евра, наспроти 32,7 милијарди во 2017 и 34,2 милијарди во 2018 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/07/2017 11:35