Европската комисија и Велика Британија, денеска во Брисел ја завршија втората рунда на преговори за излегување на Обединетото Кралство од Унијата, по која главните преговарачи Мишел Барние (ЕУ) и Дејвид Дејвис (Британија) на прес-конференција го презентираа исходот од истите и развојот на настаните со овие преговори што е предвидено да траат две години.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, двајцата преговарачи денеска потврдија дека Велика Британија го признава долгот кон Евроунијата, што ќе треба да го исплати пред и официјално да истапи од Унијата, при што, според шпекулациите, се работи за сума од 60 милијарди евра која Британците ќе треба да ја платат.

Како што истакна британскиот министер за Брегзит, Дејвид Дејвис, 98 лица поделени во четири големи и поголем број на помали работни групи, неделава во европската престолнина преговарале за четири главни точки: правата на граѓаните, финансиски договор за порамнување и режимот на границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска.

- Втората рунда преговори е завршена и ние продолжуваме да градиме меѓусебна доверба. Идентификувавме точки каде се согласуваме, а каде не - со цел да се движиме напред. Основна разлика е како правата на граѓаните ќе се гарантираат, односно дека ќе мора да најде правна гаранција за нивните права, што ќе се покрива и со надлежност на Европскиот суд на правдата врз граѓаните на ЕУ-земјите што ќе живеат во Британија, а кои ги има околу три милиони, соопшти преговарачот на Европската унија, Мишел Барние.

Во однос на финансискиот надомест на Обединетото Кралство кон ЕУ, според Барние, Британците минатата недела признале постоење на обврски кон Унијата и дека тие ќе треба да се расчистат. Тоа го призна и британскиот министер Дејвис, но и двајцата не посочија за колкава сума се работи.

- За финансискиот надомест, ние ги признавме обврските што ги имаме едни кон други, но за да се дојде до решение ќе биде потребна флексибилносот од двете страни. Во однос на правото за неограничување на движењето на граѓаните на Република Ирска и Северна Ирска, според договорот од Велики петок, дискусиите беа добри и двете страни се посветени и се бара флексибилно решение, истакна Дејвид Дејвис.

Според претходно утврдениот распоред за преговорите, третата рунда на главните преговарачи на Обединетото Кралство и на Европската унија ќе се одржи за еден месец во Брисел, додека на пониско ниво, работните групи на двете страни продолжуваат со работа.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/07/2017 15:13