Новак Ѓоковиќ објави дека му е потребно подолго време за рехабилитација и поради тоа нема да игра на турнирите до крајот на 2017 година.
Српските медиуми претходно објавија дека Ѓоковиќ ќе го пропушти Отвореното првенство на САД, но тој на денешната прес-конференција во Белград изјави дека повредата е сериозна и дека ќе треба подолго време да мирува.
„Имаше бројни шпекулации околу мојата повреда, па затоа сакам да ја известам јавноста дека нема да играм тенис до крајот на годинава. По консултациите со бројни доктори од Србија, но и ширум светот, ја донесов оваа одлука бидејќи е јасно дека морам да ги решам проблемите со повредата на лакотот. Таа ме мачи веќе година и половина, ми претставуваше проблем на многу турнири во последно време, но ситуацијата се влоши за време на Вимблдон. Предадениот меч со Бердих беше само потврда дека морам да донесам порадикална одлука“, изјави Ѓоковиќ.
Неговото отсуство на врвните турнири ќе значи и губење огромен број бодови и голем пад на АТП-листата. Ѓоковиќ му се заблагодари на Андре Агаси за соработката во изминатиот период и најави дека тој ќе му биде тренер и на Гренд слем турнирите во 2018 година.