Главната турска опозициска партија, Републиканско-народната партија, денеска организира седечки протест во Парламентот, за да го изрази своето незадоволство од предложените измени во парламентарната процедура, што, според партијата, ќе ја ограничат можноста на пратениците во Меџлисот (Парламентот) да ги оспоруваат предлозите на владеачката Партија на правдата и развојот (АКП), на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, пренесоа британските медиуми.
Измените се предлагаат на одгласите за засилени стравувања меѓу опозициските партии, организации за правата на човекот во Турција и западни сојузници на земјата, дека Ердоган применува строги мерки против осомничените поддржувачи на неуспешнит обид за преврат од минатата година, за да ги потисне сите дисиденти во земјата.
Членовите на секуларната Републиканско-народна партија соопштија дека планираните измени, што вклучуваат намалување на времето определено за дискусии, и казни за пратениците кои даваат „незаконски забелешки“ за турските региони, ќе ја ограничат нивната слобода на изразување.
Согласно овие измени, пратениците можат да гласаат за наметнување забрана за учество во три парламентарни сесии на пратениците кои ги употребуваат изразите „Курдистан“ или „курдски окрузи“. Членовите на прокурдската Демократска партија на народите (ДПН) често пати ги употребуваат овие изрази, зборувајќи за курдскиот југоисток, што ги разгневува турските националисти, пренесува БТА.
– Како одговор на намерата за замолкнување на гласот на опозицијата парламентарната група на Републиканско-нардоната партија вечерва нема да излезе од Парламентот, изјави Јозгур Јозел пред Парламентот, откако доцна синоќа беа одобрени повеќето од предложените измени на АКП и сојузниците од Партијата на националистичкото дејствие.
Досега се усвоени четиринаесет члена од 18-члениот предлог закон, а се очекува останатите четири члена да бидат усвоени денеска.
Дискусиите за законите, по предлогот на АКП, ќе се ограничат на 14 минути (од сегашните 40 минути).
-Целта на овие измени е да се зголемат ингеренциите на претседателот Ердоган и да го ослабнат Парламентот, рече Јозел, ветувајќи дека за оваа реформа ќе се обрати и до Уставниoт суд.
Прокурдската ДПН соопшти дека ќе го поддржи протестот на РНП.