Посетата на руската делегација на Кишењев е спречена и вицепремиерот на руската Влада, Дмитриј Рогозин, во моментов се враќа за Москва со редовен лет на „Аерофлот’ на линијата Минск-Москва, пренесе ТАСС.
Рогозин преку Твитер се закани со соодветни мерки заради одбивањето на романските власти да го пуштат авионот на приватната авиокомпанија „S7“, на редовниот лет до Кишењев, да мине преку романска територија, а во кој беше руската делегација, што ја очекуваа во Молдавија.
„Романските власти го изложија на опасност животот на патниците од редовниот лет на „S7“, на жени и деца. Горивото ни стигна до Минск. Чекајте одговор, гадови“, напиша рускиот заменик-премиер на Твитер.
Француските медиуми потсетија дека името на Дмитриј Рогозин се наоѓа на списокот со санкции на ЕУ, во кој фигурираат блиските соработници на рускиот претседател Владимир Путин. Казнената мерка на Европската Унија беше преземена како одговор на руската анексија на Крим во 2014 година.
Рогозин за ТАСС појасни дека одлуката да лета до Молдавија со редовен лет е поврзана со инцидентот со чартер авионот, со кој вицепремиерот леташе кон Кишењев пред неколку години и кој романските власти се обидоа принудно да го спуштат.
Рогозин објасни дека маршрутите на компанијата „S7“ се планирани за да ја заобикалат Украина.
- Тогаш немавме проблеми со пресекувањето на белорускиот, полскиот, словачкиот, унгарскиот и романскиот воздушен простор, рече тој.
Овој пат, меѓутоа, како што раскажа Рогозин, романските контролори на летање од Букурешт се поврзале со екипажот на авионот за да го прецизираат списокот на патници и да потврдат дека во него патува руската делегација и нејзиниот шеф. Отккао ја добиле информацијата тие забраниле авионот да навлезе во романскиот воздушен простор. Тогаш пилотите се поврзале со Будимпешта и се обиделе да објаснат дека во авионот нема доволно гориво и замолиле за транзитно слетување во Будимпешта за да може авионот да продолжи кон Кишењев преку романскиот воздушен простор, а прашањето за делегацијата да биде решено дополнително по консултации со руското Министерство за надворешни работи. Унгарците, меѓутоа, исто така, одбиле да дозволат транзит преку нивниот воздушен простор и слетување во Будимпешта.
Имајќи предвид дека горивото им привршувало, екипажот на авионот, по консултации со самиот Рогозин, донел одлука да лета кон резервниот аеродром во Минск за дополнување со гориво и од земја да се поврзе со властите за натамошниот лет, за патниците да можат да пристигнат за дестинациите каде патуваат.
По повод неуспешната посета на руската делегација, молдавискиот претседател Игор Додон за ТАСС изјави дека одбивањето на романските власти да го пропуштат авионот на Рогозин е насочен против обновата на руско-молдавските односи и против регулирањето на Придњестровскиот конфликт и обновата на територијалната целост на Република Молдавија.
- Овие дејствија се насочени против соработката со нашиот стратегиски партнер, што активно се воспоствува по средбата на претседателите на Молдавија и Русија", изјави проруски настроениот молдавски претседател.
Рогозин во Молдавија требаше да учествува на настан во Придњестровјето по повод 25-годишнината од почетокот на мировната операција на реката Дњестар.