Еден од најсветлите моменти во долготрајната борба за создавање на самостојна и национална држава на македонскиот народ е Илинденското востание во 1903 година и воспоставувањето на привремената влада на Крушевската Република. Иако трае само десет дена таа ќе ги постави темелите на идната македонска држава.

Голема заслуга на тоа што се случува во Крушево во 1903 година ја има Никола Карев, на кого Битолскиот окружен револуционерен комитет му доверува да раководи со востанието во Крушевската револуционерна околија. Иако е голем противник за предвремено востание, по конечното решение на Конгресот во Смилево за дигање востание во Битолскиот округ, Карев ги вложува сите свои способности за успешно изведување на востанието во својот реон.

Главната цел на неговиот штаб била освојувањето на градот Крушево, кој расположен на 1.250 метри надморска височина, на западниот планински обод од Прилепското Поле, броел околу 9.000 жители, главно Македонци, Власи и мал дел христијанизирани Албанци. Пред да започне нападот на највиското населено место во Македонија, биле успешно извршени сите подготовки, а Штабот издал проглас со кој Никола Карев кој го објавил востанието.

Концентрирајќи ги своите напори според планот врз клучните објекти, општината, поштата и другите важни згради, ноќта на 2 август 1903 година востаниците започнале нападот врз Крушево. Посебно жесток отпор востаниците сретнале при нападите на касарната, во која се наоѓале 60 војници. На 3 август 1903 година градот Крушево бил ослободен од турската власт.

Учесникот во борбите за ослободувањето на Крушево и совесен регистратор на тие борби, Никола Киров-Мајски расправа за формирањето на револуционерната власт во Крушево и за нејзините задачи:

„Истиот ден околу ручек (3 август 1903), Штабот на востаниците - „Горското началство" влезе во градот, пречекан свечено. Попладнето беа свикани на советување околу 60 души првенци од сите народности за да изберат управа за ослободената околија. По кратки советувања се реши да се создаде привремена влада и за таа цел беа избрани 6 души - претставници на трите големи народности во градот...

Задачата на Привремената влада беше следнава: да ги оданочи граѓаните со привремен налог: да собира по реквизициски пат храна за исхрана на востаниците и населението во градот и во околијата; да реквирира материјали за облека и опинци за востаниците и за милитаризираните граѓани, како и материјали за нивното вооружување; да се грижи за ранетите и разболени востаници, граѓани и селани; да казнува провинети граѓани; да чува ред и мир во градот и сл.

Составот на Владата беше следниов: 1. Дину Вангел, претседател и раководител на судството; 2. Георги Чаче, секретар и раководител на реквизицијата; 3. Теохар Нешков, благајник и раководител на финансиите; 4. Христо П. Ќурчиев, градоначалник и раководител на полицијата: 5. Димитар Секулов, раководител на прехраната и производството, и 6. Никола Баљу, раководител на Санитетот. Помошници на последниов му беа овие лекари: д-р Димко и д-р Батал, а Питу Берберо и Гушу Пендифранга им помагаа како кираџии и лекарски помошници.

Привремената влада ги имаше како главни помошници раководителите на Крушевскиот комитет, Григор Божинов и Тодор Павлов и трговецот Ѓорче Тренков, а и сите членови на Владата беа должни заемно да си помагаат и услужуваат во работата за да се избегне ангажирањето на нови луѓе, што би го сопирало нормалниот економски живот на градот.

Привремената влада заседаваше во грчкото централно училиште. Истава зграда служеше и за депозитен склад на храни и други материјали. Над неа се развиваше црвено-крвавото знаме на Револуцијата.“



Автор: Администратор
Објавено на: 01/08/2017 21:28