Пред точно 16 години, Македонија неколку дена живееше во целосен делириум исполнет со солзи радосници и победничко чувство во нашите срца. Кометал Ѓорче Петров за прв пат во историјата на Независна Македонија ја покори Европа.
На 19 мај, дождливата мајска ноќ во Скопје донесе многу радост, ерупција и шампионска круна од највисок ранг – од Лигата на шампионите, а хероини беа ракометарките на Кометал Ѓорче Петров. Во реваншот во Скопје со победа од 26-22, Кастратовиќ, Нацева, Радуловиќ, Будимир и останатите ракометарки на македонскиот првак ја анулираа предноста на унгарскиот Ференцварош од два гола разлика, 27-25, и во второто од вкупно три финалиња на тимот ја освоија европската круна. Ракометарките на Кометал го совладаа Херц со 26:22, и со вкупни 51:49 го освоија најелитното клупско ракометно првенство за жени.
И 16 години подоцна, Македонија има ракометни тимови со кои се гордее. Особено минатата година со историскиот успех на Вардарци кои се најдоа на истиот трон како и Кометал пред 16 години во машка конкуренција. Но, енергијата која ја предизвика Кометал Ѓорче Петров во нашата земја - засекогаш ќе се памети, особено што Македонија на политички план беше нестабилна а спомените од што туку завршениот воен конфликт се уште беа свежи.Орото кое се виеше на „Македонско девојче“, радоста на „Кометал шампионе“, и неофицијалната химна „За она добра стара времена“ засекогаш ќе останат врежани во македонската спортска историја.