Револуционерното движење на македонскиот народ за време на Илинденското востание и по него го привлече вниманието на странскиот дневен и периодичен печат. Весниците отворија специјални рубрики: „Македонија“, „Македонското прашање“, „Востание во Македонија“, „Народно востание во Македонија“, „Сеопшта револуција во Македонија“... За да се запознаат директно со револуционерното движење на македонскиот народ и да го следат одблизу развојот на настаните пред и по Илинденското востание, многу весници од САД и од Европа пратија свои дописници во Македонија.

Голем интерес во САД предизвикуваа извештаите на дописникот на американските весници Линч, кој за време на Илинденското востание ја обиколувал Македонија. Кореспондентот на лондонскиот весник „Дејли њус“, Џон Мекдоналд, во своите дописи истакнува дека Турците направиле од Македонија „пекол на земјата“. Еден друг кореспондент на овој весник, А. Г. Хелс, покрај тоа што напишал низа статии за македонското ослободително движење, и директно учествувал во борбите во Серскиот револуционерен округ во 1903 година. Во своите написи им се обраќал на читателите во Велика Британија материјално да му помогнат на македонскиот народ во неговата праведна борба за слобода. Со своите дописи од Македонија се истакнаа и кореспондентот на агенцијата „Ројтерс“ А. Хамилтон, дописникот на „Дејли мејл“ Р. Вион, дописникот на „Манчестер Гардијан“ Х. Н.Брејлсфорд, дописникот на шкотскиот весник „Глазгов Хералд“ Грам и др.

По крвавото задушување на Илинденското востание, османлиската армија масакрирала огромен број на невооружени македонски цивили и запалила повеќе македонски села.

Ваквата тажна слика за случувањата по Илинденското востание е опишана во весникот „Colonist“ од 21. август 1903 година:

„Турските трупи, кои скоро го окупираа Крушево, го масакрираа целото христијанско население во градот, вклучително и вработените во тутунската компанија, која е под европска контрола.“

Оваа статија не претставува никаков исклучок. Статии со слична содржина за убиства на македонски невооружени цивили од страна на османлиската војска можат да се најдат во повеќе светски весници од тој период. Во францускиот весник „La Vie Populaire“ од 25. септември 1903 година, целата насловна страна е посветена на ваквите крвави настани.

По повод убиствата на недолжното македонско цивилно население, големиот македонски револуционер Даме Груев ќе испрати протестно писмо до Хилми Паша во кое директно ќе му порача:

„...Да се прекинат насилствата, грабежите и колежот на мирното немухамеданско население...Впрочем, вие сте должни да водите со нас правилна војна.“

За ова пишува и во престижниот американски весник „The New York Times“ (2. септември, 1903):

„... Водачот на револуционерите, Даме Груев, со писмо побара од Хилми Паша да ги прекине варварските акти на турските војници и башибозукот ...“

Свои дописници од Македонија имаа и српските, хрватските и словенечките весници, кои објавуваа изворни материјали за положбата во Македонија. Загребски „Обзор“ пишува: „...со еруптивна сила како на силен порој, востанието зафати и старо и младо, машко и женско, со оружје в рака или да загине или да ги докрајчи патилата и неправдите... Европа се чуди на енергијата и одважноста на народот, кој со задното средство – оружјето, сака да го одржи понатамошниот живот“. Истиот весник во статијата „Сеопшта револуција во Македонија“ пишува дека „...востаниците скоро сосема ја одделија Турција од останата Европа.

Телеграфските жици се испокинати. Сите железнички мостови се кренати во воздух со динамит, а пругите се оштетени и сосема расипани... Денеска во рацете на востаниците се наоѓаат три најважни места: Кичево, Костур и Крушево...“. Риечки „Нови лист“ пишува дека востанието ја опфати цела Македонија и „...се шири со брзина на стрела. За скоро две недели бројот на востаниците порасна на 30.000... Прекината е секаква комуникација со Солун, како и онаа меѓу Солун и Цариград. Рушењето на мостовите и на другите комуникации на оваа пруга ја имаа целта да се запре концентрацијата на турските чети во Битолскиот вилает“. Новосадска „Застава“ пишува за заземањето на Крушево од востаниците и вели дека востаниците „веднаш одредија нова градска управа за одржување на редот и го запоседнаа градот за одбрана“. Во еден друг напис овој весник пишува дека „се установи градски совет. На куќата каде што се смести градската управа беше истакнато знаме“. Белградскиот весник „Мали журнал“ во еден допис пишува дека „...по градот (Крушево) се развеале околу 20 црвени знамиња, симбол на слободата за која се борат востаниците“.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/08/2017 21:55