Молдавија го прогласи рускиот заменик-премиер Дмитриј Рогозин за персона нон грата поради изјавата, која тој ја даде, по спречувањето на неговото патување во поранешната советска република.

Одлуката на молдавиското Министерство за надворешни работи беше донесена, откако Рогозин се закани со „специјални санкции“ против молдависки и други службеници, кои го оневозможиле неговото патување.

Рогозин во петокот не успеа да ја посети Молдавија, откако на авионот со кој патуваше му беше одбиен пристап до романскиот и унгарскиот воздушен простор.

Рускиот вицепремиер е еден од повеќето руски официјални лица, кои се предмет на санкции од ЕУ поради анектирањето на Крим.

Молдавиското Министерство за надворешни работи го повика денеска рускиот амбасадор Фарит Мухаметшин и му посочи дека „Молдавија е подготвена да гради со Русија билатерални односи засновани на взаемно почитување“.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/08/2017 16:43