Одбраната на Републиката ја остваруваат граѓаните, органите на државната власт и вооружените сили како Армија на Република Македонија. Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за одбрана на Република Македонија на 14 февруари 1992 година.
Истата година, во месец март, постариот водник Сонко Ангеловски за прв пат на македонски јазик ја прими должноста командир на караулата „Рамна нива” на македонско-бугарската граница во близина на Крива Паланка. Истиот ден се преземени и караулите „Рамна нива” и „Коприва”.
При пречекот на делегацијата на Република Словенија на чело со претседателот Кучан, за прв пат при пречек на висок гостин беше интонирана македонската државна химна „Денес над Македонија се раѓа”, првпат беше построена Почесната единица на АРМ со македонско државно знаме и за првпат командантот на почесната единица, полковникот Стефан Лазаревски, на македонски јазик му рапортираше на еден претседател кој допатувал во официјална посета на Република Македонија.