Американскиот Сенат го именуваше поранешниот конгресмен Марк Грин за директор на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) на предлог на претседателот Доналд Трамп.
„Грин на нашата организација ќе ѝ помогне да ги постави приоритети во идните развојни инвестиции на Америка, да го осигури секој долар од даночните обврзници, да ја унапреди сигурноста и просперитетот на нашата земја и да нè приближи до денот кога странската помош нема да биде потребна“, стои во соопштението на УСАИД.
Грин е републиканец од Висконсин, кој беше дел од Претставничкиот дом од 1999 до 2007 година, а работел и како амбасадор во Танзанија и бил претседател на Меѓународниот републикански институт.
Тој доаѓа на чело на агенцијата во момент кога американската администрација предлага намалување на помошта што САД ја даваат на други земји и нејзина реорганизација.