Езерото мирно го заплиснуваше брегот на преубавата Струга. Месноста Калишта е на неколку километри од центарот на градот, но е вистински епицентар на убавината. Во овој сончев, езерското синило мируваше пред нашите очи. Патот врви долж езерото и ни открива прекрасни струшки пејсажи. Можеме да замислиме како е овде кога ќе „пукне“ пролет или кога е лето. Природата ја дарувала Струга, неизмерно.

Целта на нашата посета на Струга беше да се сретнеме со господинот Стефан Лазарески, пензиониран полковник на АРМ. Сакавме тој да ни раскаже каков беше предизвикот во раните деведесетти години на минатиот век да се почне сè од почеток и да се гради и да се изгради армија која денес е гордост на нашата држава и институција во која граѓаните на Република Македонија имаат најмногу доверба.

Нашите домаќини нè очекуваа. Куќата ја изградиле на преубава локација, со прекрасен поглед кон езерската шир. На прагот нè пречекаа срдечни, многу љубезни луѓе, куќата домаќинска, отворена за добронамерници. Домот убаво среден, во духот на амбиентална Струга, а многубројните книги, енциклопедии, алманаси, дневен печат и фотоалбуми, укажуваа на тоа дека ова е дом на интелектуалци кои сè уште се образуваат и се информираат за современите настани.

Полковникот Стефан Лазарески исправено гази кон осмата деценија од својот живот. Сè уште стамен и исправен, со прецизна мисла и издржана анализа, овој поранешен висок офицер на АРМ успешно им пркоси на годините. Сопругата на полковникот Стефче, Катерина Лазареска, е родена Хрватка од градот Чаковец. Весела и темпераментна жена чија харизма плени. Некогаш вработена во структури на МВР, оваа македонска снаа одлично го говори нашиот јазик и држи лекции за патриотизам.

„Целиот свој работен век бев војник. Не знам за друга професија. Најубавиот период од мојот живот беше службата во АРМ“, го започнува разговорот полковникот Стефан Лазаревски. Воената академија ја завршив во Белград во 1966 година. Првото вработување ми беше во Марибор, Република Словенија. Таму ја запознав Катерина, која беше наставничка. Само што дојдов во Марибор, веднаш поднесов молба за прекоманда во Македонија. Во Струга ми беа родителите и сестрите. Сакав да бидам поблиску за да можам да им помагам.

Условот кој ми беше поставен за да добијам прекоманда беше мојата единица да биде најдобра во гарнизонот. И, успеав во тоа. Ми беше понудено да заминам прво како наставник на Воената академија во Сараево, зашто во Македонија немаше побарување од мојата струка. Копнежот по родната Македонија не стивна ни во Сараево. Повторно барав прекоманда и повторно ме условија, ако имам најдобра група питомци ќе може да заминам за Македонија, така ми ветуваше командантот. Мојата група беше најдобра. И така, по три години поминати во Сараево, добив прекоманда за Битола. Заради високите оценки бев препорачан во Разузнавачкиот центар во Скопје, каде работев само една година, а потоа началникот ме предложи да му бидам аѓутант на генералот Васко Карангелески, командантот на Третата воена област. Пет години му бев аѓутант на генералот, а потоа заминав на постдипломски студии во Белград. По враќањето од Белград ме поставија за командант на Воената полиција. Подоцна сменив повеќе должности. Бев во разузнавачката служба, бев началник на бригада, началник на Центарот за обука на РМ, командант на Обласниот штаб во Тетово“, ни раскажува за својот животен пат полковникот Стефан Лазарески

Разговорот го водиме во насока да ни раскаже подетално за периодот веднаш по осамостојувањето на Република Македонија и за формирањето на првите единици на АРМ.

„Во периодот на осамостојувањето на РМ се затекнав на местото помошник на началникот на Штабот за разузнувачки работи на ТО на РМ. На многу од нас, тогашни старешини од ЈНА, ни беше понудено да се дислоцираме во Србија. Одбив. Реков дека секоја птица си лета кон сопственото јато и дека останувам во АРМ. Се вратив во РШТО. Тој период беше многу тежок и деликатен со оглед на случувањата. Поранешната југословенска армија требаше да ја напушти нашата држава. Се одвиваа преговори на највисоко ниво. Многу одговорност и големи обврски презедовме во тој период. Како што реков и претходно, јас својата иднина ја гледав единствено во Армијата на Република Македонија. Работевме многу. Почетоците беа тешки. Понекогаш талкавме во изборот на моделите, но се корегиравме, создававме единици, се трансформиравме постојано, во од, како што се вели“, ни појаснува Стевче.

Најинтересна ни е приказната за создавањето на првата единица за почести на Армијата на Република Македонија.

Полковникот ни појаснува дека на почетокот на месец март 1992 година добил наредба да се формира почесна единица за пречек на тогашниот претседател на Р. Словенија – Милан Кучан.

„Армијата сè уште не беше пополнета, немавме оружје, опрема, униформи… ЈНА однесе сè. Значи требаше да се најдат војници, оружје, сабја за свечен дочек, ја почнува приказната господинот Стевче. Отидов во тогашните фабрики ‘11 Октомври’ и ‘Железара’. Ми беа потребни околу 600 – 700 луѓе кои беа припадници на ТО на РМ. За неполни 10 дена требаше од овие работници да направам елитна гардиска единица. Секој ден неуморно вежбавме, став, движење, команди… За прв пат требаше да се покаже јавно дека постои АРМ, а јас да рапортирам како командант на елитна единица за почести. Одговорноста беше огромна. Ми беше неопходна сабја. Знаев дека сабја за свечен дочек постоеше во касарната ‘Илинден’. Отидовме таму, но и таа беше однесена. Побаравме помош од колекционерот Блашко Димов и некако успеавме да ја обезбедиме. На генералната проба беше присутен и претседателот Глигоров придружуван од генералот Томислав Трајчевски. Делегацијата од Република Словенија пристигна на 17 март 1992 и беше пречекана и подоцна испратена со највисоки протоколарни почести. Тој датум е забележан во аналите на историјата на Република Македонија како датум кога за првпат при пречек на странска делегација била интонирана македонската химна ‘Денес над Македонија се раѓа’ , за прв пат при пречек на висок гостин била построена почесна единица на Армијата на Република Македонија, било свечено развиорено македонското знаме, а јас бев првиот македонски офицер, командант на почесната единица, кој на македонски јазик му рапортираше на претседател на странска држава“, со видливи емоции ни ги раскажуваше деталите од овој настан полковникот Лазарески.

Разговорот продолжува, на приказните им нема крај. Полковникот Стефан Лазарески е сведок на уште многу важни моменти од развојот на АРМ. Бил шеф на военото разузнавање, командант на полициските и извидувачките единици. Кажува дека кога се формирани специјалните единици на АРМ официјално на 1 март 1994 година, кадровска база за нивно пополнување биле извидувачите и воените полицајци од регрутниот состав на АРМ со кои тој раководел. Колку само картони, војнички книшки, квалификации биле прелистани додека да се изберат најдобрите.

Полковник Стефан Лазаревски бил и професор на тогашниот Факултет за одбрана. Ги држел предметите „Основи на воени вештини“ и „Командно-штабна воена служба“. Подоцна станал и професор на постдипломски студии на Воената академија.

Полковникот Лазарески бил мошне активен и во цивилниот сектор. Бил претседател на СОФК- а на Скопје, активен спортист, а како офицер – љубител на спортот ги водел кошаркарите на МЗТ на службени патувања во Варшава, Полска. Како помлад, во редовите на некогашната армија бил шампион во дисциплината вишебој, најдобар од сите.

Полковник Стефан Лазарески е горд стружанец. Тој е семеен човек кој со својата сопруга и животна сопатничка Кате израснале две деца-врвни интелектуалци од кои имаат внуци на кои се посебно горди.

Во овој дом одлично се пеат староградските македонски народни песни со благ хрватски акцент. Имаат преубава куќа и вешто аранжиран двор со цветни аранжмани покрај езерото во преубавата Струга, во делот познат како Калишта.

„Денес кога ги гледам припадниците на АРМ, новата формација која е по сите стандарди на НАТО-земјите, особено кога слушам за успесите на припадниците на пСО, навистина сум горд што сум бил дел од оваа армија“, ни изјавува со цел глас полковникот на крајот од нашата посета.

Биографијата на полковникот Стефан Лазарески не може да се напише на две страници. Но, затоа ни се остава можност и за повторна посета и дружење со овој навистина посебен човек.

Овој напис имаше една основна цел, да ги потсетиме читателите на некогашните припадници на АРМ кои несомнено имаат за што да раскажуваат и кои оставиле свој траен белег во историјата на нашата армија.

Пред да тргнеме кон Скопје, полковникот ни рече: „ Поздравете ми ги , тој, тој, тој, тој и тој“. Еминентни луѓе кои откако го примија поздравот, со пиетет и почит срдечно му отпоздравија на Стефан Лазарески, пензионираниот полковник на Армијата на Република Македонија.

Автор на текстот: Р.Ш. - списание за одбрана Штит



Автор: Администратор
Објавено на: 05/08/2017 15:04