Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Стефаноски на својот фејсбук профил објави дека со Одлука на Владата на Република Македонија за која нема законски основ и е противправна е разрешен од позицијата Директор на ФЗОМ.
Стефаноски кој дојде на чело на Фондот за здравствено осигурување во 2015-тата година спроведе низа на проекти кои беа од големо значење за осигурениците бидејќи им се олеснија и унапредија правата кои им следуваат користејќи ги здравствените услуги. Покрај нив, бенефит видоа и здравствените работници бидејќи пред две години, капитацијата на матичните лекари и матичните стоматолози им беше покачена за 5 денари.
Покрај покачувањето на капитацијата за матичните лекари и стоматолози, позади него остануваат и реализираните проекти за ин витро, каде што на осигурениците им се овозможи да аплицираат за трето и четврто дете и се укина целосно партиципацијата од 6.000 денари за ин витро за прво, второ, трето и четврто дете.
За време на неговото директорување во Фондот за здравствено осигурување на осигурениците им се овозможи повеќе од 20 услуги за кои мораа да одат до ФЗОМ тоа да го прават на електронски начин а боледувањата и породилните надоместоци се исплаќаа редовно во законски предвидениот рок.
Според неофицијални информации, на негово место ќе седне Ден Дончев како кадар кој ќе биде предложен од коалицијата ВМРО за Македонија предводена од Ѓеоргиевски, Бошковски и Стојанче Ангелов.
Дончев ќе го превземе ФЗОМ со досега историски највисок буџет кој го имала оваа институција, а здравствената каса во овој момент е во одлична финансиска кондиција.