Борци на групата Исламска држава (ИД) склучувале фиктивни зделки на Интернет платформата за трговија е-Бај, за да ги финансираат своите криминални активности во САД, пишува „Волстрит журнал“, повикувајќи се на неодамна објавените документи на американското Федерално истражно биро (ФБИ).
Примач на парите бил Мохамед ал Шинави, уапсен во 2016 година во сојузната американска држава Мериленд под сомнеж за врски со ИД.
Тој побарал од е-Бај понуди за продажба на принтери, а неговите соучесници префрале пари за фиктивно купување, кои потоа се трошеле за финансирање терористички активности или според зборовите на Шинави за „оперативни цели’ на ИД на територијата на САД.
Весникот пишува дека такви шеми се користени и во други држави. Документите на ФБИ покажуваат дека Шинави бил дел од глобалната мрежа, која се простирала од Велика Британија до Бангладеш и која користела такви шеми за финансирање на ИД. Мрежата била раководена од веќе покојниот Сифул Суџен, клучна фигура во терористичката групација.
Суџен имал фирма за компјутерски технологии, регистрирана во Велика Британија и со филијали во Турција и Бангладеш.
Повеќето членови на мрежата за финансирање на ИД биле уапсени или ликвидирани во координирана операција на западни специјални служби во декември 2015 година.
Тогаш бил убиен и Суџен во воздушен напад од дрон, додава весникот.