Поранешниот британски министер за надворешни работи Дејвид Милибанд изјави дека на земјата ќе и биде потребен втор референдум за Брегзит, за договорот што Владата ке го постигне со Европската унија во врска со излегувањето на Велика Британија од Унијата.

-Брегзит е неспоредлив со ништо, чин на економско самоуништување на една земја, наведе Милибанд во авторскиот текст во неделникот „Обсервер“.

Тој ги повикува британските политичари од сите партии, да се спротивстават на, како што истакна, најлошите можни последици од Брегзит.

На вториот референдум Британците би се определувале меѓу останувањето на земјата во ЕУ и алтернативата што ќе биде договорена меѓу Лондон и Брисел, по двегодишните преговори за Брегзит.

Милибанд беше шеф на Форин Офисот во владата на Гордон Браун, но и тогаш и сега важи за лабуристички политичар кој е центристички определен според идеолошките уверувања и приврзеник на линијата на „новите лабуристи“ што ја покрена и ја одржуваше поранешниот премиер Тони Блер.

По поразот на Браун на изборите во мај 2010 година и неговата оставка, Дејвид Милибанд важеше за сигурен наследник на испразнетата лидерска позиција, но во последен момент, како негов противкандидат, се јави помладиот брат Ед Милибанд, приврзеник на левицата и „корените на лабуристичкото движење“.

На изборите, на големо изнендување, Ед го победи Дејвид Милибанд, со минимална предност од околу педесетина гласови.

Подоцна се дозна дека неговата победа била извојувана благодарение на левичарските синдикати, крајната левица во партиските редови и разните социјалистички организации кои учествуваат во изборот.

Во британската политичка јавност се верува дека токму „елиминацијата“ на еден центрист каков што е Дејвид Милибанд, го отвори патот за сегашниот кризна ситуација во Лабуристичката партија, откако за лидер беше избран еден „партиски маргиналец“ каков што се означува Џереми Корбин кој важи за ултра-левичар и приврзеник за нова „класна борба“ во Велика Британија.

Медиумите во Лондон сметаат дека сегашното јавување на Милибанд околу Брегзит, може да претставува најава за негово враќање во британската политика.

По поразот на изборите за лидер на партијата, тој целосно се повлече од политиката и замина во САД, каде сега раководи со една хуманитарна агенција.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/08/2017 16:29