Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) активно презема мерки и со полн капацитет ги извршува обврските за справување со пожарите. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски е на своето работно место и е посветен на извршување на обврските во соработка со сите надлежни институции за справување со пожарите и превенција од појава на нови пожари, соопшти МЗШВ.

Оттаму порачуваат дека според последните информации од Центарот за управување со кризи, најголем дел од пожарите кои беа активни се изгаснати.

– Пред околу час и половина е локализиран и пожарот кај Крушево. Активни, но ставени под контрола и без опасност за ширење се пожарите во близина на манастирот Трескавец и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село, кај селата Крушевица и Бонче, селото Никодин, и пожарот на местото викано Фрлогоец (Женска планина) на Бистра Планина, прецизираат од МЗШВ.

Координативното тело за кризна состојба во кое член е заменик-министерот за земјоделство Власте Димковиќ, додаваат, секојдневно одржува состаноци, на кои се даваат насоки и наредби за справување со пожарите.

– Согласно Законот за шуми, по барање на ЈП Македонски шуми на 11.07.2017 година, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, даде согласност за делумна забрана за движење во шумата или во одделни нејзини делови, во период од 15.07.2017 година до 15.08.2017 година. Одлуката се донесе пред да отпочне сезоната на шумските пожари, а откако се активираа поголем број пожари, министерот Николовски даде согласност за целосна забрана за движење во шумите или во одделни нејзини делови за периодот 05.08.2017 година до нејзино отповикување, потсетуваат од МЗШВ.

Истовремено, нагласуваат, министерот Николовски им наложи на Државниот инспекторат за шумарство и ловство и Шумската полиција, да ги зајакнат контролите на терен.

– Како Министерство, будно ја следиме состојбата со пожарите и работиме на превенција од појава на нови пожари, порачуваат од МЗШВ и најавуваат дека Владата на Република Македонија во иднина ќе спроведе крупни реформи во системот за справување со кризи.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/08/2017 20:50