Собранието денеска во 11 часот треба да ја продолжи седницата на чиј дневен ред е разрешувањето на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.

Мали се шансите на денешното продолжение да дојде до разврска на расправата и да се премине на гласање за разрешувањето на јавниот обвинител.

Вчерашната седница, како и претходните, мина во меѓусебни реплики и контрареплики на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои бараа да не се расправа за Марко Зврлевски, туку за стратегијата за бегалците, договорот со Бугарија, задолжувањето, депонијата во Струга, партизација на администрацијата.

Координаторот на една од 10-те пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски ја обвини СДСМ дека пред изборите ветувале воведување ред и поредок, еднаквост транспарентност, а откако се на власт ги заборавиле ветувањата и се насочиле кон партизација на администрацијата.

Владејачката партија СДСМ не учествуваше во расправата, единствено координаторот на пратеничката група Томислав Тунтев се појави на говорницата и рече дека тоа што го прави ВМРО-ДПМНЕ на седницата за разрешување Марко Зврлевски „наликува на април“, алудирајќи на случувањата и насилствата на 27 април при изборот на претседателот на Собранието.

Собранието го чека и мислењето од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) околу примената на членот 8-а став 1 алинеја 4 од Изборниот законик, односно дали може да расправа за разрешување на јавниот обвинител во период кога се распишани локални избори.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/08/2017 10:51