Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, повика на итно решавање на кризата на Корејскиот Полуостров на мирен, а никако на воен начин.

– Постои итна потреба за деескалација на тензиите на Корејскиот Полуостров. Тоа е приоритет на ЕУ и на меѓународната заедница. Затоа ја повикувам Демократска Народна Република Кореја (ДПРК) да се воздржи од дополнителни провокативни акции кои само можат да создадат регионални и глобални тензии, наведе Могерини по повод зголемувањето на тензиите меѓу Северна Кореја и САД.

Како што самата додаде, во вака критичен момент ЕУ ја поддржува дипломатската соработка со партнерите со цел да дојде до деескалација на ситуацијата и постигнување целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров со мирољубиви, невоени средства, пренесуваат француските медиуми.

„Тоа е единствениот пат што води до траен мир“, изјави таа и додаде дека ЕУ е подготвена да го поддржи процесот со цел создавање кредибилен и смислен дијалог со Северна Кореја и меѓународната заедница, со лидерство на Република Кореја.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/08/2017 11:39