Четириесет и едногодишниот И.Т. синоќа до смрт го избодел својот татко во семејна расправа што се случила на ул. „Чедомир Кантарџиев“ во Скопје.
Нивната сосетка синоќа околу 22:15 часот пријавила во полиција дека соседите се тепале и барале помош од полиција.
Од МВР информираат дека полициски службеници излегле на местото на настанот и констатирале дека имало семејна расправија помеѓу Љ.Т. (68) и неговиот син И.Т. (41). Љ.Т. бил пронајден на прагот од дневната соба со убодни рани од нож, а од екипа од Итна медицинска помош била констатирана смрт.
Сопругата на Љ.Т. изјавила дека додека седеле во дневната соба, дошол И.Т., ја откорнал влезната врата и влегол внатре. Неа ја избркал од собата, почнал да го влече Љ.Т. и во еден момент го избодел со остар предмет. Потоа И.Т. го напуштил местото и сам се пријавил во Ургентен центар „Мајка Тереза“ за укажување на помош. Имал расекотина на десната рака.
За настанот бил запознат јавен обвинител. По негова наредба телото на починатиот е предадено за обдукција. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Скопје. И.Т. бил приведен и задржан во Полициска станица Кисела Вода за понатамошна постапка. Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.