Владата на Македонија од 1991 година е прва влада на тогашната Социјалистичка Република Македонија избрана по воведувањето на политичкиот плурализам и по одржувањето на првите повеќепартиски парламентарни избори во 1990 година. Избрана е од Собранието на Република Македонија на 20 март 1991 година. На нејзино чело е избран Никола Кљусев, а таа по својот карактер беше техничка влада.

Согласно Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, основна цел на новата влада беше конституирање на Република Македонија како независна држава. Во текот на мандатот на оваа влада е одржан референдумот за независност на Македонија и е усвоен Уставот на Република Македонија.

Поради меѓупартиските конфликти, оваа влада не траеше долго. На 17 август 1992 година на оваа влада Македонското собрание ѝ изгласа недоверба.

Составот на Владата од 1991 година е следниот:

Премиер: Никола Кљусев

Вицепремиери: Блаже Ристовски, Јован Андонов, Бекир Жута

Надворешни работи: Денко Малески

Одбрана: Ристо Дамјановски

Внатрешни работи: Јордан Мијалков

Правда: Ѓорѓи Наумов

Финансии: Методија Тошевски

Економија: Стојан Трајановски

Развој: Гоце Петрески

Урбанизам, градежништво, сообраќај и екологија: Александар Лепавцов

Земјоделство, шумарство и водостопанство: Иван Ангелов

Труд и социјална политика: Илијаз Сабриу

Образование: Димитар Димитров

Наука: Ѓорѓи Ефремов

Култура: Цветан Грозданов

Здравство: Перко Колевски

Информација: Мартин Треневски

Без ресор: Јане Миљовски, Илија Андонов - Ченто, Алаетин Тоска, Љубомир Фрчкоски

На 10 јануари 1992 година е извршена реконструкција на владата при што за министер за внатрешни работи е избран Љубомир Фрчкоски, за министер за одбрана - Трајан Гоцевски, а за министер за образование и физичка култура - Димитар Бајалџиев.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/09/2017 10:01