СВР Велес поднесе кривична пријава против актуелниот градоначалник на општина Велес, Славчо Чадиев, поради постапка што ја направил како претседавач на Советот на Општина Велес во 2012 година. СВР го товари за прекршување на деловникот на Општината, во врска со предавањето на синдикалното одморалиште од Општина Велес на Општина Чашка.
Според соопштението од Секторот за внатрешни работи – Велес, С.Ч. (58) од Велес се товари за злоупотреба на службена положба и овластување, бидејќи на 62. седница на Советот на Општина Велес одржана на 11 јули 2012 година, претходно симнатата точка 6 од дневниот ред, за пренесување на правото на сопственост на недвижен имот од Општина Велес на Општина Чашка, побарал по итна постапка повторно да биде вратена на дневниот ред, по што таа бил изгласана. Тоа го направил со прекршување на член 61, став 4 од деловникот за работа на Советот.
Општина Велес била сопственик на Синдикалното одморалиште во селото Горно Врановци кое било градено со средства на поранешните претпријатија што работеле на подрачјето на општина Велес, а во 2004 година било преземено до Комисијата за приватизација на Република Македонија и доделено на стопанисување на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија. По судска постапка помеѓу Општина Велес и претпријатието, одморалиштетото на 15 јуни 2012 година било вратено на Општина Велес.
По само една недела од одлуката, Општина Чашка до Општина Велес поднела барање одморалиштето да се пренесе на неа, и Чадиев го ставил барањето на дневниот ред на 62. седница на Советот, по што со гласање било симнато од дневниот ред.
Потоа, како што вели СВР Велес, Чадиев веднаш предложил по итна постапка барањето да се постави на дневен ред како нова точка, иако од членови на Советот му било укажано дека е тоа спротивна на деловникот. Потоа барањето било изгласано, а по стекнувањето сопственост, Општина Чашка веднаш го огласила за продажба.