Поради утврдено пречекорување на овластувањата против двајца полициски службеници е поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и тие се суспендирани од работните места до завршување на постапката, информира денеска Министерството за внатрешни работи.

- Р.Б. и В.Н. од Полициската станица Карпош на 28 септември при редовно извршување мотопатролна служба, го затекнале А.Р. при извршување кривично дело „тешка кражба“ во парфимерија во Трговскиот центар Лептокарија во Скопје. При интервенцијата, несразмерно употребиле физичка сила врз сторителот, од што тој здобил тешки телесни повреди во пределот на лицето и телото и со возило на Итната медицинска помош е пренесен во Ургентен центар-Скопје, а поради сериозноста на повредите е задржан на натамошно лекување, се вели во соопштението на МВР.

За настанот е известен Одделот за внатрешна контрола кој веднаш го известил и Основното јавно обвинителство Скопје. По издадените наредби на јавниот обвинител, преземени се мерки и дејства за расчистување на случајот.

МВР информира дека нема да толерира вакви настани и ќе ги преземе сите мерки полициските службеници што употребиле прекумерна сила да бидат казнети според законот.

- За жал, овој случај укажува дека се потребни темелни реформи и вработување вистински професионалци, како и поставување и почитување строги критериуми при вработувањето и унапредувањето на вработените во Министерството, стои во соопштението на МВР.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/10/2017 23:48