Половичен успех на македонските претставници во 2.коло на Европското клупско шаховско првенство што се одржува во Анталија.

Шахистите на Алкалоид кои ја бранат Европската шампионска титула, денеска се поразени од силната руска екипа на Легаси Сквер Капитал која годинава е главниот конкурент на Алкалоид за шампионскиот трофеј.

Победата од 3,5-2,5 на рускиот тим кој е втор по ранкинг им ја донесе Евгениј Најер кој на втората табла ја искористи предноста на белите фигури и го совлада Павел Ељанов, додека останатите пет меча завршија реми.

Втора победа на првенството оствари и вториот македонски претставник Гамбит Асеко кој има недостижна предност од 3,5-0,5 во дуелот со турскиот Бешикташ.

Петар Г. Арнаудов, Богдан Подлески со црни и Орце Данчевски предводејќи ги белите фигури, беа подобри од своите противници, додека половина бод (реми) извлече Дејан Динев. Иако во тек се мечевите на Никола Николовски и Марјан Митков, сепак нашиот тим има недостижна предност од три бода во дуелот против турскиот тим.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/10/2017 22:54