Тројца македонски државјани се во притвор, откако во вторникот, на граничниот премин во Славонски Брод се обиделе да прошверцуваат речиси 6,5 килограми хероин, информираше денеска бродско-посавската полиција.
Вредноста на дрогата на црниот пазар се проценува на над 100.000 евра.
При граничната контрола, полицијата во вторникот во 19 часот се посомневала во веродостојноста на возачката дозвола на 40-годишниот маж кој управувал со автомобил со македонски регистарски таблички. Во возилото имало уште двајца македонски државјани, еден 40-годишен маж и 30-годишна жена.
Полицијата утврдила дека дозволата е фалсификувана, па заедно со цариниците почнале преглед на возилото, при што во долниот дел биле забележани сомнителни пакети.
– Со налог од славонско-бродскиот Жупаниски суд извршен е претрес на возилото, при што се пронајдени 24 пакети, со вкупно 6.449 грама хероин, за кој се претпоставува дека бил наменет за западноевропскиот пазар, изјави портпаролката на бродско-посваската полициска управа Ката Нуиќ на денешната прес-конференција.
Кај жената се пронајдени и десетици таблетки, кои се вбројуваат меѓу опојните дроги, а за кои таа немала медицинска документација.
Сите се притворени и против нив е подигната кривична пријава поради неовластено производство и промет на дроги. Возачот е обвинет и за фалсификување на дозволата, а притив жената е поднесена и прекршочна пријава поради таблетките.