Антоан Гриезман, најдобриот фудбалер на Атлетико од Мадрид, прв пат изјави дека има можност да направи трансфер во Манчестер јунајтед.

Францускиот голгетер досега изјавуваше дека е среќен во Мадрид и дека нема намера да си оди, минатото лето потпиша нов договор до 2022 година, но очигледно го сменил мислењето, како и челниците на клубот, кои сега би го пуштиле бидејќи оваа сезона е надвор од форма.

„Во јуни го продолжив договорот, иако ми недостасуваат титулите, среќен сум во Атлетико. Сепак, свесен сум дека ќе заминам еден ден.

Сè уште не сум донел одлука, зависи од многу фактори. Немам ништо против тоа да заминам во Англија, освен лошото време.

Манчестер јунајтед секогаш е опција. Шансите за ‘Олд Трафорд’? Би дал шест од десет“, изјави фудбалерот на Атлетико.

Гриезман постигна само три гола, што е шест помалку отколку минатата година во овој дел од сезоната.

Тој ја игра четвртата сезона во Атлетико откако направи трансферот од Реал Сосиедад, освои само една титула на Суперкупот на Шпанија и беше дел од тимот кој изгуби во финалето на Лигата на шампионите од Реал Мадрид минатата година.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/11/2017 20:53