Арсен Венгер, менаџерот на Арсенал, изјави дека Алексис Санчес и Месут Озил ќе останат на стадионот „Емирати“ додека не им истече договорот, односно до крајот на сезоната.
Во последно време медиумите пишуваа дека двајцата ќе си заминат од Лондон уште во јануари, но францускиот стручњак изјави дека во неговата глава работите се поинакви.
На прашањето на новинарите дали Санчес и Озил ќе бидат во клубот во февруари, Венгер изјави:
„Да, секако. Во моите мисли ќе бидат овде до крајот на сезоната. Тоа е одлука која ја донесовме уште на почетокот. Освен ако не се случи нешто неверојатно, тоа нема да се промени. Сè уште не е ниту декември... Кажувам, ќе останат овде до крајот на сезоната. Дали ќе останат и подолго? Тоа е прашање на кое немам одговор. Тие имаат договор до крајот на оваа сезона. Сè додека се овде, мора да дадат сè за клубот“, изјави менаџерот на „топчиите“.
Арсенал утре го дочекува Хадерсфилд, а во сабота ќе се сретне со Манчестер јунајтед.
„Најважниот натпревар ни е утре. Имаме добра шанса да освоиме три поени на домашен терен и тоа е она што е важно. Се соочуваме со голем тим. Сè уште не мислиме на Јунајтед. Од неделата Озил нема работено со нас. Во план е да го одработи тренингот и да видиме дали ќе може да игра“, додаде Венгер.
„Топчиите“ моментно се наоѓаат на четвртото место на табелата со заостанување од 13 бода зад Манчестер сити.