Пеп Гвардиола, менаџерот на Манчестер сити, изјави дека е задоволен од постигнатиот гол на Рахим Стерлинг во продолжението на времето, со којшто „граѓаните“триумфираа над Саутхемптон.

Сити во 14-тото коло на Премиер лигата ја запиша 13-тата победа оваа сезона, а 18-та по ред во сите натпреварувања, и со тоа ја задржа предноста во однос на второпласираниот Манчестер јуанјтед.

„Рахим е „меч винер“, тоа беше фантастичен гол, пресреќен сум за него. Како што кажав повеќе пати претходно, напредува. Порано беше малку плашлив, не веруваше во себе, но сега знае дека може. Верувам дека соиграчите му даваат самодоверба, ми кажуваат дека веруваат во него, но морате да ја имате вистинската личност за да постигнете гол во последната минута“, изјави менаџерот на Сити.

Шпанскиот стручњак изјави дека признава дека ја изгубил контролата над неговите емоции во самиот финиш на натпреварот со Саутхемптон, поради што и судијата Пол Тирни морал да го смирува.

„Се извинив, не можев да се контролирам. Бев пресреќен како и сите навивачи и играчите. Сакав да дотрчам до Рахим, но не бев доволно брз“, додаде Гвардиола.

Меѓу играчите и членовите на стручниот штаб коишто се обиделе да го дофатат Стерлинг, кој го претрча целиот терен, беше и Бенџамин Менди, кој нема да игра до напролет поради повреда на лигаментите на коленото.

„Менди е луд, доживеа повреда поради која не може да игра шест месеци, а трча. Тоа е катастрофа“, изјави менаџерот на „граѓаните“. Наредниот натпревар фудбалерите на Сити го играат во недела, во 17 часот, кога ќе го дочекаат Вест хем.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/11/2017 18:50