Бразилски Гремио го освои трофејот во Копа Либертадорес, откако ноќеска по втор пат во финалната пресметка го победија Ланус од Аргентина. Гостите славеа триумф со 2:1 и по минималната победа на свој терен (1:0), со вкупни 3:1 се искачија на тронот.
Стрелци на головите за бразилскиот тим беа Фернандињо и Луан, домаќинот преку Хозе Санд успеа само да го ублажи поразот.
За бразилскиот клуб, ова е трет трофеј во Копа Либертадорес и прв по 22 години. Претходните два му се од 1983 и 1995 година.
Последен пат Гремио играше во финалето во 2007 година, кога загуби од Бока Јуниорс.
Ланус пропушти шанса за прв пат да го освои трофејот во престижното јужноамериканско натпреварување.