Новата година ни е на праг. А речиси сите веќе знаат каде и ќе ја дочекаат. Некои во домашна атмосфера со најблиските, некои во ресторан или кафуле, а они кои имаат подлабок џеб ќе отидат и на новогодишно патување.
Милано од европските градови и Белград од соседството се градовите каде македонските граѓани годинава сакаат да ги поминат новогодишните празници.
Цените на аранжманите за Милано се движат од околу 150 евра за две ноќевања и околу 200 евра за три ноќевања, а во цената е вклучено разгледување на градот и пречек на Новата година. Големиот интерес за Милано е поради тоа што во новогодишениот аранжман вклучено е и разгледување на Верона, Венеција или Торино.
Од европските престолнини примамливи се и Виена, Париз и Рим, но за нив цените се движат од 300 до 500 евра, а помал интерес има за Истанбул каде цената во зависност од аранжманот се движи до околу 300 евра со вклучен авионски превоз.
Од градовите во регионот годинава најатрактивни се Белград и Нови Сад за каде цените во зависност од аранжманот се движат од 100 до 150 евра со вклучен дочек на Нова година и разгледување на градовите и салашите во Нови Сад.
Помал е интересот за зимските туристички центри во соседна Бугарија поради тоа што во цената за новогодишните аранжмани не е вклучена новогодишната вечера која во просек изнесува од 60 до 70 евра.
Атрактивен и годинава е Златибор во соседна Србија, каде цената за три ноќевања со вклучен новогодишен пречек се движи околу 130 евра.
За љубителите на етно стил туристичките агенции нудат и дочек на Нова година во етно комплексите во Србија каде цените се движат околу 80 евра.
Оние што ќе останат во Македонија ќе треба да одвојат од 1.500 до 3.000 денари доколку сакаат да ја дочекаат Новата година во некои од рестораните и кафеаните, а прославата во домашен амбиент ќе ги чини минимум околу 3.000 денари.