На ѕидот од канцеларијата за контакти со граѓаните на пратениците од СДСМ во Прилеп осамна испишан графит „Локвенец и Кети – мртви сте ВМРО“. Случајот е пријавен во полиција и е направен записник.
Според Златка Пурковиќ, асистент на пратениците Хари Локвенец и Кети Смилеска, станува збор за чекор на безумие на политичкиот противник.
– Овој натпис најверојатно е напишан ноќеска. За мене е уште еден чекор на безумието на ВМРО-ДПМНЕ по оние неколкудневни напади на пратениците со протести пред нивните домови во Прилеп. Ова е и вандалски чин, бидејќи, да осудуваш луѓе на смрт кои се избрани од народот на регуларни избори, е навистина грозно. Порачувам дека ова не е време на „ќосињата“, туку време на демократија, а Хари Локвенец и Кети Смилеска се дел од тимот кој упорно работи на тоа. Инаку, оваа канцеларија постои 12 години и досега не се случило вакво нешто – изјави Пурковиќ.
Од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ демантираат дека како партија стојат зад овие графити. Го осудуваат овој чин и бараат што побрзо да се најдат сторителите.