Вевчани не е село, Вевчани не е ни град, Вевчани е приказна самото за себе, а Вевчанци се посебни луѓе со изразен патриотизам и смисла за хумор, вика Симун Лешоски, наставникот по македонски јазик во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Вевчани, попознат како уметникот што ги изработил вевчанските „личници“, знаме и грб, ја почнува приказната за Вевчани и неговите жители.

Инспирацијата за изработка на обележјата на „Република Вевчани“ ги добил во периодот на осамостојувањето на Република Македонија како реакција на плановите за отцепување на дел од нејзината територија и референдумот на албанската заедница за формирање на „Илирида“.

- Личниците се почнати да се работат во 1992 година. Тоа беше време кога Албанците во Македонија сакаа да ја направат „Илирида“. Вевчани малку на шега, а малку и сериозно направи референдум за одвојување на тогашната месна заедница Вевчани, односно „Република Вевчани“ како што ја викавме, со право на приклучување кон Република Македонија, вели Лешоски.

Референдумот, појаснува, беше условен доколку се реализира изјаснувањето што го спроведоа Албанците за конституција на „Илирида“.

- Тогаш ние нашиот референдум го имавме како плебисцит за да можеме да го искористиме. На тој начин сакавме да го искажеме нашиот револт за она што би можело да се случи. Тоа не се случи и помина, можби помина и Република Вевчани, но сепак остана како карактеристика на Вевчани... Занесени од некои романтичарски идеи сметавме дека треба да ги имаме сите белези ако сме Република. Јас зедов обврска да ги направам вевчанските пари – личници, во апоени од еден, два, пет, 10, 50, 100, 500 и 1.000 личници. Тоа се книжни пари – банкноти, потенцира Лешоски.

Мојот другар Гојко Алулоски, посочи, малку подоцна го направи Вевчанскиот пасош, а јас ги направив знамето и грбот на „Република Вевчани“.

- На тој начин влеговме во една малку имагинарна ситуација, но симпатична во смисол на идентитетска потврда и слика за Вевчани како нешто поинакво. На крајот од краиштата, по разговори со многу пријатели од страна ми беше укажано дека нас Вевчанците не сметаат за малку поинакви од другите. Таквата поинаквост ние практично ја презентираме и може да се гледа од повеќе страни, додава Лешоски.

Свети Спас - Личникот, заштитник на Вевчани

Името на личниците, како што нагласува Лешоски, доаѓа од манастирот „Свети Спас“ што се наоѓа над селото на надморска височна од преку 1.300 метри со прекрасен поглед на Вевчани, но и на целото Охридско Езеро.

- Тој се смета за заштитник на Вевчани и кога се крстат Вевчанци велат „да поможит Личникот“ во смисла на нешто што е највредно и најсакано. Од тука мене овој обичај ми прозвучи многу симпатичен за условно речена валута и ја крстивме личник. Интересно е што наместото гувернер сум потпишан јас Симун Лешоски, а на местото вицегувернер е потпишан Трајле Алулоски, домаќинот во училиштето Страшо Пинџур. Моравме да импровизираме. Го прашав Трајле дали ќе се потпише и тој се согласи, вели авторот.

Личниците, додава, се печатени во Прилепската печатница и имаат жиг и други заштити. На парите има историски личности од Вевчани.

На личниците историски личности од Вевчани

На аверсот на банкнотата од еден личник е Васил Радиноски како прв претседател на Карневалот во Вевчани, манифестација со која од 1993 година Вевчани е член на Карневалските градови во Европа - ФЕТ и тоа под уставното име Република Македонија. На реверсот се Вевчанските извори.

Кај два личника на аверсот е манастирот Свети Јован Бигорски, бидејќи има плоча на чешмите во манастирот на која пишува: „ Во времја смиренога игумена Михајла од село Галичника браќа христијани пијте слатка студена водица, охладите ваша жедна душица и поимајте Неофита монаха родом од село Вехчани, Охридско“. Неофит, вели Лешоски, бил од вевчанското семејство Пљушкоски, а токму натписот од чешмата е ставен на реверсот на банкнотата од два личника.

- Првата пара која ја направив е банкнотата од пет личници на чиј аверс е ликот на Михајло Пупин. Таа е инсирирана од тогашните гласини и наоди дека потеклото на светски познатиот научник Пупин е од Вевчани. И ден денеска во Вевчани живее семејството Пупиноски. Сите во Вевчани слават „Пображење“ – „Преображение Христово“, а тие слават „Богоројца“ – „Богородица“. Потеклото на Пупин е од Москополе, а неговата баба, која се преселил во Вевчани, се викала Пупа и поради тоа презимето на семеството е „Пупини“ - Пупиноски, појаснува Лешоски. На реверсот од банкнотата од пет личници е родовото стебло на Михајло Пупин.

На банкнотата од десет личници на аверсот е Свети Василиј Велики, еден од трите столбови на Вевчани, заедно со Република и Вевчанските извори. На реверсот се прелеваат 13-ти и 14 јануари, заедно со василичарката – симболот на знамето и на грбот на Вевчани.

- Василичарката е вид на боцка која е убава да се гледа, но е непријатна доколку се допре. Токму тоа е метафора за Вевчани кое е убаво, но доколку ги „чепнеш Вевчаници и им стапниш на журот“ се незгодни, вели Лешоски.

На аверсот од банкнотата од 50 личници, додава, е претставена вевчанска носија, а насликана е мојата сопруга Руса кога беше млада, а од другата страна е плоска или карта (сад) за вино.

На 100 личници на аверсот е Димитар Даскалов, првиот учител во Вевчани, каде постоело училиште за основно образование уште во 1835 година. Првото училиште се викало „Свети Спас“, а Даскалов е првиот учител од Вевчани. Од другата страна е старата зграда на училиштетот Страшо Пинџур.

На 500 личници на аверсот е Наум Попоски – мали оџа. Тој е човекот што во Отоманската империја издејствувал во Вевчани да се гради црквата „Свети Никола“ на ниво на земјата, а сите останати во тоа време биле градени за најмалку една скала пониско од нивото на земјата. Тоа, појаснува Лешоски, симболизирало дека рисјанската вера е пониска од муслиманската. Треба да слезите за да ја славите вашата вера.

- Попоски кој бил поп отишол во Стамбол и за да влезе кај султанот се преправил во оџа. Одлично го знаел турскиот јазик, седел извесно време во Стамбол и издејствувал да биде примен од султанот за добие тапија за да може да се изгради црквата на нивото на земјата. Откако ја добил тапијата ја извадил чалмата и му рекол на султанот дека е поп. Султанот, пак, му рекол не само што си поп, туку си и мали оџа зашто ме излажа, раскажува авторот Лешоски. На реверсот е тапијата за изградба на црквата Свети Никола.

На аверсот од 1.000 личници е Стојан Размоски, досега најголемиот академски сликар од Вевчани, член на Италијанската академија на науки и уметности што имал бројни изложби во светот. Во 1981 година имал изложба и во Вевчани во просториите на „Дримкол“.

- Размоски кој е школски другар на мојот татко токму тогаш дојде во нашиот дом и го препозна мојот уметнички талент, што, како што ми рече, сум го наследил од мојот татко кој бил многу надарен за сликање, но немал материјална можност да студира, се сеќава Лешоски. На реверсот е една од најпознатите слики на Размоски.

Во домот на уметникот

- На влезната врата имам еден мозаик од природни камчиња и мермер што го претставува семејниот грб, односно грбот на куќата Лешоски. На средината од грбот се наоѓа „свет леб“ што се сече на слави како крст, а другите четири симболи се она што моето семејство го има како дарба. Горе десно е перо, бидејќи син ми Дарко е писател, горе лево е сликарска четка зошто јас сликам и цртам. Долу лево е висак, мајсторски алат што се користи за определување вертикала, посветен на моите предци, а долу десно е врвот од копјето на Свети Ѓорѓија во чест на нашата куќна слава, појаснува Лешоски.

Грбот, додава, претставува насликано или наредено со камчиња презиме. Сметам дека секое семејство е надарено за нешто и најголем број од луѓето се свесни која е нивната дарба, но не знам зошто не распространето.

- Сакам да се распространи низ Вевчани, бидејќи гледајќи го грбот ќе знаете за кои луѓе станува збор. На старите куќи во Вевчани има некои импровизирани работи кои најверојатно ги виделе кога оделе на печалба, но тоа не се семејни грбови и немат суштинско значење за да ги претстават карактеристиките на тоа семејство, посочува Лешоски и нагласува дека кај младите Вевчанци постои интерес за израбтка на семејни грбови.

Валентин Јанковски



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2018 22:16