Градење нова гастрономска култура во земјава, базирана на локалниот биодиверзитет, преку поддршка и поврзување на домашните, мали, традиционални производители со потрошувачите, е основната мисија на Слоу фуд Македонија.

Оваа досегашна Мрежа на локални организации (конвивиуми) во сабота, на 14 април, ќе го одржи својот прв, основачки конгрес на кој и официјално ќе стане нацинонална организација.

По овој повод разговаравме со Николче Николовски, досегашен национален координатор на Мрежата на Слоу фуд Македонија.

Во синџирот „од нива до вилушка“, вели Николовски, евидентен е недостигот на капацитети за реализирање на потенцијалот што го имаме. Немаме соодветно развиена инфраструктура во понудата на квалитетни домашни производи, во подготвеноста да излезат на пазарот. Тоа подразбира нивна регистрација, регулирани правила на производство, дистрибуција,...

- На терен имаме извонредни производи, призводители и незагадени рурални подрачја што можат да одговорат на потребите на консументите кај кои се повеќе расте свеста за одржлива, локално произведена храна согласно традиционални практики, по рецептите на нашите баби и дедовци. Од друга страна, постојат низа пречки во ланецот на дистрибуција. Производителите не знаат каде да ги пласираат своите производи, не е регулирано нивното производство, често се судруваат со недоволно оформена законска регулатива за пристап до пазарот во поглед на донесени правилници или правилници кои не се доволно имплементирани на терен, истакнува Николовски.

Слоу фуд е тука некаде, додава, меѓу производителите и институциите, како вид модератор.

Според Николовски, иако го зема својот данок и потрошувачите ги насочи кон маркетите, да купуваат увезени, „странски“ производи, глобализацијата полека стивнува. Ја достигна кулминацијата и сега е време за „враќање кон корените“.

- Се повеќе граѓани стануваат свесни за локалната, органска храна, за купувањето директно од малите производители. Тоа е моделот на иднината, а на него сме и ние фокусирани - наши предели, наши луѓе, наша храна, наша иднина. Да не бидеме ограничени од увозот на храна и од волјата на големите компании, од индустријата. Преку најразлични активности, кампањи, настани, поддршка на локалните производители, да ја градиме новата гастрономска култура во Македонија базирана на биодиверзитетот, локалното производство од малите семејни фармери и визијата за одржливост, подвлекува Николовски.

Слоу фуд Македонија постои десет години и е дел од интернационалната Слоу фуд организација, основана во Италија од Карло Петрини. Првиот, „најстар“ конвивиум, Слоу фуд Скопје, се формира во 2008 година. По него следуваа Слоу фуд Водно, Битола, Кавадарци, Тера (во Гевгелија), Дојран, Росалев (во Богданци), Валандово и Осогово (од Пробиштип). До крајот на годинава треба да се формираат уште осум конвивиуми: Слоу фуд Тетово, Струга, Охрид, Прилеп, Струмица, Кратово, Крива Паланка и Росоман.

- Изминативе години Мрежата се развиваше, се формираа и моментно се активни девет конвивиуми и шест преизидуми, а веќе се имплементирааат и голем број воспоставени програми на меѓународно ниво. Изградивме партнерски однос со институциите, станавме нивен партнер, во нас гледаат сериозна поддршка за евроинтегративниот процес, односно имплементирањето на европските регулативи во Македонија, но и нивното прилагодување кон нашата реална ситуација на терен, вели Николовски.

Слоу фуд Македонија досега мапира 70 автентични македонски производи кои, согласно „слофудашката“ пракса, се номинираат за каталогот „Арка на вкусови“.

- Во овој светски каталог на традиционални производи кој опфаќа локални сорти, локални раси на животни и производи добиени од специфични традиционални техники, земјава засега, благодарение на Слоу фуд Македонија, има 36 производи. Во меѓувреме, развивме и шест асоцијации на производители кои се чувари на одреден автентичен производ. Тоа се шесте президиуми во Македонија: сирењето од Мавровско-реканскиот регион, Слаткото од диви смокви во југоисточниот регион, Буковскиот пипер од село Буково, Македонската медоносна пчела на здружението „Мак-би“, Асоцијацијата на одгледувачи и производители на грозјето „Станушина“ и најновиот кој го основаме оваа година, президиумот на Домашната коза, дополнува националниот координатор.

Слоу фуд Македонија не застанува тука. Сака голем дел од 70-те производи да бидат заштитени со географска ознака зашто, како што вели Николовски, имаат голем потенцијал за тоа.

- Една од нашите најголеми соработки со Министерството за земјоделство е да заштитиме со географско потекло што поголем број производи. Така ќе се одбраниме од напливот на увезени кои, за жал, ги декларираат како наши, посочува нашиот соговорник.

Мотото на првиот, основачки конгрес на Слоу фуд Македонија е „Наша храна, наша иднина“. Се очекува, со новото „реструктуирање“ во национална, „чадор“ организација, Мрежата да добие поголема моќ во насока на правење промени на законсики решенија.

- Целта на оваа надградба на организациската структура е да имаме повидлива, помоќна организација во која ќе се приклучат поголем број членови, производители, готвачи и експерти кои ќе му дадат уште посилен кредибилитет на Слоу фуд да може погласно да ги застапува интересите за градење одржлив модел на локалниот систем на храна. Тоа подразбира и промени на законски регулативи за да се олесни пристапот до пазарот за малите производители, а консументите да имаат пристап до поквалитетна, наша, домашна храна, истакнува Николовски.

Оваа година вторпат ќе се организира и настанот Тера Мадре Македонија на кој директно се состануваат и производителите и конзументите и науката и државните институции. Низ дијалог ќе се бараат решенија за унапредување на состојбата. Истата улога на регионално ниво ја има Тера Мадре Балкан кое се одржува секоја втора година.

- Годинава Тера Мадре Балкан ќе се одржи во Брисел, од 21 до 23 мај. Централни теми ќе бидат - како земјите на Балканот, земјите кандидатки за членство и новите земји - членки на ЕУ од Балканот, заедно да ги имплементираат и адаптираат европските регулативи, да ги синхронизираат со националното законодавство за да имаат еднаков пристап на европскиот пазар со почитување на регулативите и традиционалните производи. Ќе стане збор и за хигиенските регултиви при производството на сирења, како и за заштитата на географското потекло на традиционалните производи, информира Николче Николовски.

Мирјана Чакарова



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2018 22:28