Пеп Гвардиола ги предупреди навивачите и играчите на Манчестер Сити дека следната сезона ќе биде многу потешка од оваа, бидејќи противниците ќе играат со сите свои сили токму против шампионите. Тие од своја страна бркаат три рекорди и се уште имаат шанса да ги остварат, иако вчера одиграа нерешено против Хадерсфилд.

- Изгледа лесно кога си освоил многу натпревари, но со секој нареден задачата станува се потешка и потешка. Ова важи и за следната сезона, бидејќи сите ќе сакаат да не победат токму нас. Ако сакаме да го продолжиме она што го правиме во оваа сезона, треба да бидеме максимално концентрирани. Но фудбалот е сложен и не можеме да предвидиме што ќе се случи, изјави менаџерот на Манчестер Сити.

Откако ја освои титулата, Сити ги декласираше Свонси со 5:0 и Вест Хем со 4:1, но одигра само 0:0 против Хадерсфилд. Овој резултат беше крајно неочекуван, бидејќи шампионите можат да постигнат рекорди за најмногу победи, најмногу поени и најмногу голови во рамки на една сезона.

- Ја освоивме титулата пред неколку недели и изненадувачки останавме концентрирани и мобилизирани. Против Хадерсфилд тоа не беше така и ќе треба да се поправиме во преостанатите натпревари, нагласи тој.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/05/2018 11:52