Грција ја поддржува потребата да се прифати име од предлозите на Нимиц, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во изјава за грчките дописници од САД, по средбата со американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Со оваа изјава и Коѕијас индиректно го отфрли името „Република Илинденска Македонија“, исто како што Грција отфрли и еден од петте предлози на медијаторот Метју Нимиц за името „Република Македонија (Скопје).

-Ние ја поддржуваме потребата да прифатиме едно од имињата што ги предложи Нимиц. Не се согласуваме, како што знаете, со петтото име од неговите предлози, и да одиме напред кон усвојување на еден стратешки план за пријателска соработка со оваа земја во иднина, со нејзиното ново име, рече Коѕијас.

Шефот на грчката дипломатија објасни дека за прашањето со името не разговарал со американскиот државен секретар Помпео, туку тоа било тема на средбите, вчера и завчера, со помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Никос Коѕијас не открива што точно разговарале со Мичел, но вели дека „никој не ја тера Грција на ништо“ во однос на затворањето на прашањето, бидејќи ја има иницијативата за постапките и сите на позитивен начин следат како една земја со активна надворешна политика промовира решенија“.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/05/2018 10:37