Авиокомпанијата со која патуваа шестмината турски државјани, кои беа екстрадирани од Косово во Турција под обвинение дека се припадници на движењето на исламскиот проповедни Фетула Ѓулен, излажала за целта на летот, со тоа што побарала дозвола за комерцијален лет, за што може да добие висока парична казна, јави дописникот на МИА од Приштина.
Ова денеска пред Комисијата за надзор врз јавните финансии на Собранието на Косово го изјави директорот на косовската Управа за цивилно воздухопловство (ААЦ), Дритон Ѓонбалај, претставувајќи го годишниот извештај за работата на неговата агенција.
Ѓонбалај, кој за споменатиот настан беше прашан од пратеникот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Дритон Селманај, изјави дека надлежните државни институции се бават со случајот и дека, заради измамата, на тој авиооператор може да му биде изречена казна до милион евра и да бидет преземат други мерки.
- Надлежните власти детално продолжуваат да го испитуваат случајот до неговото целосно реасчистување, рече Ѓонбалај.
На крајот на март годинава шестмина турски државјани - пет наставници и еден лекар, кои работеа во Косово, во тајна операција беа екстрадирани и предадени на турските власти. Настанот предизвика бурни реакции во домашната и меѓународната јавност, но и од страна на премиерот Рамуш Харадинај, без чие знаење се уапсени и протерани Турците.
Поради тоа, Харадинај ги разреши министерот за внатрешни работи Фљамур Сефај и шефот на разузнавањето Дритон Гаши. Се испостави дека налогот го дал косовскиот претседател Хашим Тачи, со цел да му удоволи на неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган, кој пак заради разрешувањето на споменатите функционери му се закани на Харадинај дека „косовскиот народ ќе го собори од власт“.
Турците се екстрадирани врз основа на потерница од Турција, заради сомневање на турските власти дека се припадници на движењето на Ѓулен, кого Ердоган го смета за свој најголем непријател и го обвинува за организирање на неуспешниот пуч против него во јули 2016 година.