Европската унија нема сила за нов бран проширување и не може да се дозволи прием на земјите од Западниот Балкан, бидејќи тие ќе донесат голем број ризици, како национализам, фалични правни држави и општества кои ќе ги трошат парите на другите, оценува Дојче Веле.
Во коментарот се наведува дека Европската комисија премолчува оти само сака да се спротивстави на растечкото влијание на Русија и Кина, кои носат пари и инвестиции и за разлика од ЕУ, не поставуваат прашања за состојбата со владеењето на правото.
Според Дојче веле, против полноправното членство на земјите од Западен Балкан во блиска иднина не оди само тоа што тие се далеку од исполнување на поставените „домашни задачи“, туку и фактот што во моментов ЕУ е премногу преокупирана со себе и нема сила за нов круг на проширување. - Дури и самото споменување на терминот проширување предизвикува паника во многу европски главни градови, се наведува во коментарот.
- Кога една земја ќе влезе во клубот, нема никаков механизам против неа. Таа ги користи сите предности на ЕУ и има право на глас - дури и ако не се однесува како што треба. На примерот со Полска и Унгарија, можно е да се види колку му е тешко на Брисел да ги натера земјите членки на примено однесување, се додава во текстот.
Според авторот на коментарот, национализмот е главен проблем на Балканот и тој веројатно нема да исчезне со приемот на земјите од регионот во ЕУ, туку само ќе стане дел од Унијата.
- Не треба да го заборавиме и огромниот економски јаз. Сите шест земји се далеку под просекот на ЕУ, со што ќе станат нето корисници на средства. Колку што има повеќе потенцијални нето корисници, толку повеќе проширувањето на ЕУ е понепривлечно за нето донаторите на средства, оценува Дојче Веле.
Дополнително, според авторот на текстот, полноправното членство и слободата на движење веројатно би довело до нов бран иселување од Балканот кон побогатите земји од ЕУ и нивните развиени социјални системи.
Во коментарот се нагласува дека ЕУ не може да си дозволи прием на Западниот Балкан, но не може ниту да го остави на влијанието на Русија и Кина, поради што, на земјите од регионот би можела наместо членство, да им понуди партнерство, слично како она со Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн, што би значело економска соработка и поголема поддршка, но не и право на глас во рамки на Унијата.
- Веројатно слично размислуваат многу шефови на држави или влади од ЕУ, но тоа не го кажуваат. Наместо тоа, на Самитот ЕУ-Западен Балкан можеа да се слушнат старите фрази за тоа дека овие земји ќе бидат во клубот за неколку години, но дека сега е премногу рано за тоа, се наведува во тексот, со заклучок дека би било почесно „двете страни да говорат за реална перспектива со конкретен временски распоред“.