На само еден ден пред финалето во Лигата на шампионите каде ќе силите ќе ги одмерат актуелниот Европски шампион Реал Мадрид и англиски Ливерпул, се потсетуваме дека на овој ден (25 мај) токму „Редсите“ освоија две европски шампионски титули. Едната во далечната 1977 а другата пред 13 години во историското финале против Милан.
Куп на шампиони 1976/77 - Финалето е одиграно на 25 мај 1977 на стадионот Олимпико во Рим, каде што Ливерпул со резултат 3:1 ја победи Борусија Менхенгладбах, со тоа освојувајќи ја својата прва титула во Купот на шампионите.
Првиот гол за Ливерпул било дело на Terry McDermott во 28-та минута што бил и единствениот гол во првото полувреме. На стартот на второто полувреме, Германците успеале преку Симонсен да изедначат на 1:1 во 52-та минута, но тоа било се што направиле на натпреварот.
Победата на Ливерпул им ја носи Smith со гол во 64-тата минута а ја потврдува Neal на 8 минути пред крајот на натпреварот преку гол од пенал.
Лига на шампиони 2004/05 - За овој натпревар и не треба многу да се зборува бидејќи речиси и нема некој фудбалски фан кој не го памети овој историски натпревар.
Истанбул ја испиша историјата, Англија гореше а светот беше во неверица. Златната генерација на Милан во состав Дида, Кафу, Малдини, Шевченко, Гатузо, Креспо, Неста, Сидорф, Пирло, Кака и Стам а предводени од Карло Анчелоти на полувремето беа сигурни дека ја запишаа својата нова европска титула во Лигата на шампионите од како уште во првата минута поведоа со голот на Малдини за да кон крајот на полувремето во 39-тата и 44-тата минута Ернан Креспо донесе висока предност за Миланезите.
Но со тој резултат не се помирија Дудек, Финан, Хипиа, Барош, Рисе, Кјуел, Џерард, Луис Гарсија, Чаби Алонсо, Траоре, Карагер, Шмицер... кои под кормилото на Рафа Бенитез во второто полувреме испишаа фудбалска историја и тоа за само 7 минути. Со головите на Џерард во 54-та минута, Шмицер во 56-тата минута и Чаби Алонсо во 61-тата минута, Ливерпул стигна до изедначувачки 3:3 по што натпреварот заврши со изведување на пенали.
А таму и 13 години подоцна се памети промашувањето на Андреј Шевченко во последниот удар за Милан кој на Ливерпул му донесе нова титула од како во пенал рулетот победи со 3:2.
Останува да видиме, дали во текот на утрешниот ден оваа година, периодот околу 25-26 мај ќе биде среќен за Ливерпул.