Критики до грчкиот премиер упатија од опозициската Нова демократија, по изјавата на Алексис Ципрас од Солун дека Владата не дава име, туку се стреми да добие назад нешто што веќе било дадено.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, од грчката партија, преку соопштение, коментираат дека „Ципрас смета дека неприфатливото име како што е Илинденска Македонија е победа за земјата“.

- Премиерот, кој имаше неуспех во сите преговори што ги водеше за Грција, денес има храброст да тврди дека неговата Влада се стреми да земе назад, а не да даде име на Скопје. Очигледно смета дека е победа за нашата земја, неприфатливото име како она „Илинденска Македонија“ за кое разговара со господинот Заев, пишува во соопштението од грчката конзервативна, опозициска партија.

Од Нова демократија додаваат дека единствено што му останува на Ципрас да земе е „одговорот што го заслужува на изборите за непотребниот четврти меморандум што го потпиша одново кратејќи плати и пензии по наводниот чист излез од кризата“.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/05/2018 18:09