Не излезе бел чад од дводневните преговори во Њујорк, разговорите продолжуваат меѓу двајцата министри во Брисел, е најчестиот коментар во грчките медиуми за новата рунда преговори.
Во извештаите на новинарите во Грција, пренесена е изјавата на Метју Нимиц, споменуваат дека ново име не се нашло на преговарачката маса, туку се разговара врз основа на веќе доставениот пакет предлози од медијаторот, а како предлог што е во предност пред другите, повикувајќи се на свои, непотврдени извори, дел од медиумите го споменуваат името „Република Северна Македонија“.
Во синоќешните централни изданија на вестите на грчките телевизии, новинарите го анализираа исходот од дводневните разговори во Њујорк, јави дописничката на МИА од Атина.
- Ни денес не излезе бел чад од преговорите во Њујорк, бидејќи двајцата министри ги завршија двете средби без да стигнат до ново име, објави телевизијата „Скај“ и повикувајќи се на извори блиски до преговорите, додава дека во овој момент на маса се сите четири имиња од предлогот на Нимиц, а „Скопје е повикано да го направи крајниот избор, додека пак за Грција црвена линија е ерга омнес“.
- Се чини дека двете страни се решени да исцрпат секаква можност за да постои решение, коментира новинарот од грчката државната телевизија „ЕРТ“ и додава дека доколку се направи напредок кон решение, тогаш двајцата премиери ќе се сретнат на средината на јуни во Преспа за да го потпишат договорот, но ваква средба ќе има само доколку постои решение.
Искусниот новинар од „ЕРТ“ вели дека секоја промена околу името што се прави на преговарачката маса, „значи и менување на целата рамка на разговори што се однесува на кратенките, на националноста, како ќе се ратификува ега омнес, дали ќе може да помине во Уставот и сл“.
-Еден мал детаљ, може да промени сѐ и да расипе сѐ, додава новинарот.
Дописниците од Њујорк, за грчките телевизии „Скај“ и „Антена“, повикувајќи се на свои извори го споменуваат името „Северна Македонија“ како можно компромисно решение.
Според дописничката на ТВ „Скај“, Димитров прифатил ерга омнес само за „Илинденска Македонија“, а дописникот на „Антена“ од Њујорк повикувајќи се на свои, непотврдени извори рече дека македонската страна ги отфрлила предлозите „Вардарска Македонија“ и „Горна Македонија“, додека пак „грчката страна се чини дека ги отфрлила имињата „Македонија - Скопје“ и „Нова Македонија“, а сценаријата за „Северна Македонија“ уште не се потврдени“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, уште додека беше во тек вчерашната средба, кусо откако започна, дел од грчките медиуми, повикувајќи се на свои извори од Њујорк, не само што го споменуваа името „Северна Македонија“ како можно решение, туку тврдеа дека веќе е постигнат договор за ова име. Сепак, овие нивни тврдења, индиректно ги демантираше медијаторот, со официјалната изјава по состанокот, дека не е постигнат договор, а дијалогот ќе продолжи во Брисел.
Искусниот новинар од весникот „То вима“, во текстот на онлајн изданието на весникот, пишува дека според постоечките информации „кои ги пренесува со резерва“, од петте имиња од почетниот предлог на Нимиц, на преговарачката маса се останати три: „Горна Македонија“, „Нова Македонија“ и „Северна Македонија“.
- Предлогот за „Република Илинденска Македонија“ веќе не постои, додека клучната точка останува на кој точно начин или временски рок ќе биде имплементацијата на клаузулата ерга омнес за користењето на новото име во внатрешноста на ПЈРМ, но и во меѓународните односи, пишува електронското издание на „То вима“.
Електронското издание на весникот „Реал“ пак, повикувајќи се на грчки владини извори објави дека името е единственото отворено прашање, додека пак за другите останати теми, веќе е постигнат договор.
- Според блиски соработници на премиерот и на министерот за надворешни работи, се наоѓаме во најдобрата точка од тогаш кога на маса беше ставено „Илинденска Македонија“ од страна на Скопје, пишува онлајн изданието на весникот.
Речиси сите медиуми во Грција коментираат дека сега целиот интерес и сите погледи се насочени кон Брисел, каде што двајцата министри за надворешни работи ќе се одржат нова средба која најверојатно, според грчките новинари, ќе биде во понеделник.