Европските пазари денеска продолжија да губат на вредност, а и еврото продолжи да паѓа, како резултат на политичката криза во Италија каде претседателот Серџо Матарела го блокираше формирањето на нова влада од страна на двете партии кои победија на изборите.

Каматната стапка за италијанските краткорочни државни обврзници се зголеми 150 поени, и достигна највисоко ниво од кризните денови на 2013 година. Еврото, пак, падна за 0,8 проценти на 1,15 долари. Индексот на акциите на берзата во Милано падна за 2,6 проценти, по падот од 2,1 процент во понеделникот.

Политичката криза во Италија е предизвикана од предлогот на партиите Лигата и М5С во нивната влада ресорот финансии да го земе изразен критичар на еврото. Претседателот Матарела го блокираше формирањето на владата, со што се отвори можност за нови избори, а според анкетите, двете популистички партии може да очекуваат уште поголемо мнозинство на тие избори.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/05/2018 16:01