Не стивнува гневот во Европската Унија по најавата на Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини врз увоз на алуминиум и челик од земјите членки на ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Еврокомесарката за трговија Сесилија Малмстром оцени дека САД со ваквата одлука „играат опасна игра“.

- Ова е многу загрижувачка ситуација, нема да го користам терминот „трговска војна“ поради психолошкиот ефект, но ова може да ескалира. Европското и глобалното економско закрепнување ризикува да биде попречено поради ова, како што предупредија и Светската Банка и ММФ. САД играат опасна игра, изјави Малмстром.

Европската Унија вчера одлучи да покрене правна процедура во рамките на Светксата Трговска Организација (СТО) поради американските царини, а се подготвуваат и реципрочни мерки, односно воведување царини од 25 проценти за увоз на американски производи, вклушително и за бурбонот и моторите.

Овие мерки со кои би бил погоден американскиот извоз во ЕУ, чиј обем изнесува околу 2,8 милијарди евра, би стапиле во сила од 20 јуни.

Малмстром најави и дополнителен список на производи на кои ќе се однесуваат овие мерки, кој допрва треба да биде одобрен од страна на земјите членки на ЕУ.

Според еврокомесарката овие мерки не претставуваат „ескалација“ на тензиите, туку обврска на ЕУ.

- Подготвуваме мерки во целосна согласност со СТО, имаме право и мораме тоа да го сториме, немаме намера да ескалираме што било. Вратата за дијалог останува отворена. Топката е кај нив, изјави Малмстром.

Според неа, ЕУ мора да одговори со реципрочни мерки, бидејќи во спротивно молкот би значел дека ги прифаќа „илегалните царини“ на САД.

Малмстром ги повика и сите трети земји засегнати од американската одлука да покренат слични процедури во СТО и да им покажат на САД дека ги крѓат светските правила за трговија. Малмстром предупреди дека светскиот трговски систем може да биде „урнат“, ако не се почитуваат меѓународно утврдените правила за трговија.

Комесарката оцени дека досегашните размени на мислиња на оваа тема помеѓу ЕУ и САД, не претставувале преговори.

- Немаше преговори. Им рековме „тргнете го пиштолот од нас и тогаш ќе преговараме“; но тоа никогаш не го добивме, одговори Малмстром на новинарско прашање.

Запрашана дали САД и ЕУ се уште се сојузници по сето ова, еврокомесарката одговори дека повлекувањето на САД од Договорот за иранската нуклеарна програма и од Парискиот договор за климата и сега воведувањето на царините, се знак дека односите помеѓу САД и ЕУ „не се веќе топли како порано“.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/06/2018 15:57