Европскиот портал Еурактив утрово ги пренесува пораките на унгарскиот премиер Виктор Орбан објавени за време на митингот на најголемата макеоднска опозициска партија во кои тој ги поздравува напорите на ВМРО ДПМНЕ да го блокира решението со Грција и “да не потклекне под притисок од странски сили.“
Еурактив истакнува дека пораките на Орбан се во спротивност со оние на другите демохристијански челници, како Елмар Брок, близок соработник на германската канцеларка Ангела Меркел, но и претседателот на ЕПП, Жозеф Дол, кој, исто така, изрази поддршка за “заеднички прифатливо решение“ за двете страни.
Еурактив го цитира грчкиот потпретседател на Европскиот Парламент и член на Сириза, Димитрис Пападимулис, кој Орбан го нарекува “тажен исклучок“ и вели дека речиси сите европски политички лидери и европратеници ги поддржуваат напорите на Заев и Ципрас да изнајдат решение за спорот.
- Име за сите употреби, со вистински промени за да му се стави крај на иредентизмот и можни идни спорови, изјавил Пападимулис за Еурактив.
Ова не е прв пат Орбан да е во судир со неговите партнери од европската десница, како и со другите европски лидери. Холандската демохристијанска партија ЦДА во саботата побара исклучување на партијата на Орбан, Фидес, од ЕПП доколку продолжи со своите политики.