5 јуни 2018
Њујорк Тајмс - Њујорк
И така трговската војна започна. Колку ли глупава е само таа.
Почувствував дека треба да го искажам своето мислење за тој идиотизам и тоа не само преку Твитер.
Официјално и правно воведувањето на царините за увоз на челик и алуминум е објаснето со националната безбедност. Тоа очигледно е измама пред фактите дека главни директни жртви на царините се американските демократски сојузници.
Трамп и компанија, како што може и да се очекува, најспокојно ќе говорат лаги за економската политика, тврдејќи дека го прават тоа за доброто на сите. Тие ќе тврдат дека царините ќе обезбедат нови работни места, со кои Трамп потоа ќе може да се фали. Но, дали ќе се случи тоа?
Токму тука мојот оптимизам како економист ми предизвикува мали дилеми. Вистинскиот одговор на прашањето колкаво е влијанието на трговската политика врз создавањето и отварањето на работни места, независно колку е таа добра или лоша, всушност е дека е еднакво на нула.
Зошто? Управата за федералните резерви (ФЕД) сега постепено ги зголемува каматните стапки затоа што смета дека во САД повеќе или помалку е обезбедена целосна вработеност. Дури и царините да водеа до економски раст, тогаш ФЕД уште побрзо ќе ги зголемуваше каматите, што пак ќе доведе до затворање на работни места во други сектори при што најмногу би настрадало градежништвото, додека доларот ќе ја зајакне својата вредност со што американската индустрија ќе стане помалку конкурентна.
Така всушност целото мое професионално образование ме тера тврдењето дека царините ќе отвораат нови работни места, да го отфрлам како неосновано.
Сакаме да знаеме дали трговската војна на Трамп ќе создаде нови работни места или ќе ги затвори постојните во услови на константна монетарна политика.
Одговорот со сигурност е дека всушност трговската војна ќе биде убиец, а не творец на работни места и тоа од две причини.
Прво, затоа што Трамп воведува царини на стоки кои се користат за производство на други производи со кои САД би можеле да конкурираат на глобалните пазари. Всушност со царините ќе се зголемат трошоците за производство на автомобили и други индустриски производи, со што ќе се намали нивната продажба.
Тогаш се поставува прашањето дали тоа што би обезбедиле зголемување на вработеноста во металуршката индустрија ќе може да ги неутрализира загубите на работни места во другите сектори.
Едноставната сметка покажува дека во крајна линија најверојатно директниот ефект од царините ќе има негативни последици врз вработеноста.
Второ, и други држави ќе преземат реципрочни мерки кон американскиот извоз, што повторно ќе чини работни места во речиси сите сектори.
Во некои елементи оваа ситуација не потсетува на царините за увоз на челик што ги воведе поранешниот претседател Џорџ Буш Помладиот. Таа политика се должеше на арогантноста на тогашната Администрација која ги сфаќаше САД како неспорна суперсила во светот, што и беше на воен план, но не сфати дека не е толку доминантна во економијата и трговијата. Тогаш имавме големи загуби од тој трговски конфликт и Администрацијата на Буш набрзо ја научи лекцијата и се откажа од царините.
Во случајот со Трамп сметам дека ќе имаме поинаков вид илузија. Тој си има вообразено дека САД имаат трговски дефицит со голем број земји и нема што многу да загуби, па затоа останатиот дел од светот треба да се потчини на неговата желба. Но, тој греши од најмалку четири причини.
Прво, иако САД извезуваат помалку отколку што увезуваат, сепак имаат голем извоз. Ваквите трговски мерки ќе им наштетат на многу американски работници, а пред се на фармерите, од кои мнозинството гласаа за Трамп и сега ќе се почувстуваат измамени.
Второ, современата трговија е сложена, бидејќи државите едноставно не продаваат готови производи едни на други, туку станува збор за комплексен синџир на вредности што ќе биде нарушен со трговската војна на САД. Многу Американци ќе бидат губитници, дури иако не се директно вклучени во производството на стоки за извоз.
Трето, ако трговската војна ескалира, ќе ги зголеми потрошуачките цени. Во момент кога Трамп се обидува да ги убеди обичните семејства дека имаат полза од неговите даночни олеснувања, нема да им биде тешко да увидат дека таа добивка е многу мала.
На крајот, а мислам и најважно, имаме работа со реални држави пред се демократски. Реалните држави имаат реална политика. Тие имаат гордост и некои избирачи во нив воопшто не го сакаат Трамп. Тоа значи дека друи и нивните лидери да сакаат да направат отстапки кон САД, избирачите веројатно нема да го дозволат тоа.
Да го разгледаме случајот со Канада, малата мирна држава, која може да претрпи големи последици од една трговска војна со нејзиниот гигатнски сосед. Можете ли да замислите што ќе се случи. Тоа ќе ги направи Канаѓаните многу поподатливи за влијанието од Европската унија, која исто така е економска суперсила колку и САД. Дури и Владата на канадскиот премиер Џастин Трудо да се согласи на отстапки, ќе се соочи со отворена моќна реакција на канадските гласачи кон се што би изгледало како капитулација.
Така на крајот изгледа дека ова е еден исклучително глупав економски конфликт. При тоа ситуацијата во таквата трговска војна најверојатно нема да оди во полза на Трамп.
Автор: Пол Кругман, американски економист и аналитичар, добитник на Нобеловата награда за економија во 2008 година, поради неговиот придонес за новата трговска теорија и новата економска географија