6 јуни 2108

Дојче Веле - Бон

Додека сите зборуваат за биткоинот, во Германија постои моќна валута до која може да се дојде, но не и да се плаќа! Зошто 12 милијарди германски марки се се уште во оптек?

Носталгијата знае да биде моќно искушение. Но, оние кои секое утро се точкаат пред Германската централна банка - Бундесбанката, можеби се меѓу помалку сентименталните. Постари, млади мајки со деца и студенти - сите имаат по нешто заедничко и најчесто е скриено во потешка вреќичка. Речиси 28 години по комплетното исчезнување на источногерманската марка и 16 години откако беше воведено еврото, овие луѓе трпеливо чекаат да предадат дел од милијардите стари германски марки кои и натаму се во домовите.

Денес германските марки се сувенири, дел од историја заборавена на некоја полица или пак се складирани во сефови. Во секој случај, марките не се старомодна алтернатива на криптовалутите. Германците поседуваат многу повеќе марки, отколку што кога било ќе поседуваат од најпознатата дигитална валута - биткоинот.

Скриени во книга

Не е тајна дека Германците сакаат да носат и да плаќаат со големи суми кеш и покрај тоа што имаат темна историја на голема инфлација, тие си чуваат и големи суми од една валута која ниту една продавница или таксист не би ја прифатил. Изненадувачки, нејзината ограничена употребна вредност изгледа не им пречи на Германците.

Според податоците на Бундесбанката, на 31 декември 2001, последниот ден пред воведувањето на еврото, во оптек имало 162.3 милијарди марки. Досега 92 проценти од тие пари се вратени во банката, но до крајот на април годинава 12,6 милијарди марки и натаму се наоѓале по домовите, скриени во чорапи, меѓу душеци или пак закопани по дворови.

Овие пари не се безвредни: ако биле издадени по 20 јуни 1948 може да бидат променети во евра во една од 35-те филијали на Бундесбанката, и тоа без временско ограничување. И за разлика од други случаи, курсот за едно евро е 1.95583 марки и остана таков од воведувањето на еврото во 2001.

Политиката на отворени врати на Бундесбанката, и тоа што курсот не се менува, го намалува притисокот на луѓето за замена на марките за евра. Нема потреба да се прави денес она што може да биде одложено за утре.

Елмар, пензионер од Нојкелн, нашол 500 марки скриени меѓу страниците на некоја книга пред една година и конечно дошол до банка за да ги замени. Полека, но сигурно Германците си го наоѓаат патот до шалтерите.

Носат тежок товар

Во изминатите 12 месеци банката процесирала 90 милиони марки во многу полесните за употреба евра. Со курсот за размена од речиси 2:1, тоа се околу 45 милиони евра (53 милиони долари). Остатокот од 12.6 милијарди марки имаат вредност од 6.3 милијарди евра. Реално погледнато, половина од германските марки, 6.69 милијарди, се метални парички и веројатно на луѓето не им се исплаќ да одат до банка само за нив. Спомените вредат многу повеќе од неколку евра кои би ги добиле во размена.

Зошто Германија и натаму ги води во сметководствените книги? Во Соопштение на Бундесбанката се истакнува дека луѓето имаат доверба во марката и во нејзината единствена улога како меѓународно резервно платежно средство, особено во Источна Европа и Западен Балкан.

Банката и германската влада мора многу да вложуваат за одржување на довербата, иако првичната одлука да се остави неограничен простор за враќање на марката беше донесена кога Германија беше уште во фаза на консолидирање од шокот на спојувањето на Источна и Западна Германија.

Исправен пат?

Секоја земја која сега го користи еврото има различни правила и крајни рокови за размена на некогашните валути во евро. Комплициран систем. Некои централни банки веќе не ги прифаќаат паричките од претходните национални валути, но ги менуваат банкнотите, како на пример Белгија, Луксембург, Словачка и Словенија. За Шпанија, Португалија и Холандија времето истекува.

Други земји пак, веќе не ги прифаќаат старите валути во ниту една форма, како на пример Франција, Финска, Грција, Италија, Малта и Кипар. Ако најдат драхма или некој франк во книга единствено што можат е да си ги стават за украс на некоја полица.

Од земјите во еврозоната само мала група земји, како Германија, Австрија, Ирска, Латвија, Литванија и Естонија немаат временски лимит за размена на старите валути.

За многу Германци марката беше многу повеќе од парче хартија или метал. Нејзината сила беше знак за економскиот раст на земјата. Не е претерано да се каже дека транзицијата кон еврото беше трауматско искуство. Но, времето ги лечи сите рани и никој од оние кои чекаат во ред пред Бундесбанката не пресметува во марки за да знае колку нешто вистински вреди.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2018 21:11