За САД југоисточното крило на Европа, вклучително и Западен Балкан, е стратешки важен сегмент во одбраната од руското и кинеското влијание во регионот и Вашингтон прави активни напори за решавање на спорот за името за Македонија да влезе во НАТО.
Ова го истакна Вес Мичел, помошник државен секретар во Стејт департментот задолжен за Европа и Евроазија, на обраќање во Херитиџ фондацијата каде што ја промовираше стретегијата на претседателот Доналд Трамп за Европа.
- ЕУ го загуби фокусот на Западен Балкан во последните години и Стејт департментот зазеде став за активна улога во решавање на проблемите на Балканот – помеѓу Косово и Србија, внатрешните проблеми во Босна и надминување на ќорсокакот со спорот за името помеѓу Македонија и Грција, изјави Мичел, одговарајќи на прашања од присутните.
Тој посочи дека неодамна ги посети Србија, Косово и Македонија и оти Вашингтон е во секојдневна координација со партнерите од Германија, Франција, Италија и Велика Британија, а за решавањето на проблемите во Западниот Балкан се дискутира секојдневно во неговиот ресор.
Мичел истакна дека САД продолжува да игра тивка улога заедо со ЕУ, Германија и останатите и охрабрува да се најде решение за името за Македонија да стане членка на НАТО.
- На сите овие области на дневна основа трошима време и енергеија, како и ресурси за проблемите на Западниот Балкан. Не очекувам некои од овие проблеми, што се влечат многу одамна, да бидат целосно решени во скорешно време, но мислам дека правиме добар напредок, рече Мичел.
Тој исто така кажа дека САД работат активно на запирање на руската кампања на дезинформации во регионот, почнувајќи од балтичкиот регион, источна Европа па се до Балканот и Кипар.
- Постои голем предизвик со руските вложувања во Кипар и затоа работиме на тоа да го запреме руското влијание таму и во југоисточна Европа, со поцврста воена соработка со такви сојзници како Грција.
САД се против изградбата на вториот крак од гасоводот „Северен тек“, проект на рускиот енергетски монопол Газпром со кој се зголемува зависноста од руски гас во западна Европа со тоа што се заобиколуваат балтичките земји и Полска.
- Овој проект не само што прави комерцијална штета туку и ја загрозува енергетска безбедност на ЕУ. Како и „Јужниот тек“, ова е чисто геополитички проект против кого застанаа редица земји членки на ЕУ од централна и источна Европа, изјави Мичел.