Американската воена база Суда на грчкиот остров Крит би можела да биде попатната станица каде ќе слета американскиот претседателски авион Ер Форс 1, за да надополни гориво на патот на претседателот на САД, Доналд Трамп кон Сингапур.
Според весникот „Катимерини“, во базата во тек се подготовки за пристигнувањето на авионот во текот на претстојниот викенд, но се уште нема детали околу попатната станица на американскиот претседател.
- Не е познато дали Трамп на кусо ќе ги посети американските сили во Суда или авионот едноставно ќе наполни гориво и ќе замине за Сингапур, без воопшто да се отворат вратите, пишува „Катимерини“, додавајќи дека базата во Суда е особено важна за американските и за силите на НАТО за снабдување со гориво, одржување и поддршка на екипажот и опремата.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, извори од Американската амбасада во Атина за грчката новинска агенција АНА-МПА изјавиле дека се уште не е завршена финалната програма на Трамп.