Македонската ракометна репрезентација обезбеди пласман на Светското првенство, што во јануари 2019 година ќе се одржува во Германија и Данска.

Во реванш натпревар од баражот Македонија на гостувањето во Клуж загуби од Романија со 26:25, но благодарение на убедливата победа на првиот дуел во Скопје на кој славеше со 32:24, обезбеди шесто учество на мундијалите.

Натпреварот почна со водство на Романците од 1:0, а потоа следуваше серија од 0:4 за македонските ракометари.

По петнаесет минути игра Македонија имаше водство од 5:7, но домаќините успеаја да направат серија од 5:0 и во 24-тата минута имаа водство од 10:7.

Во последната минута од првиот дел Стоилов израмни на 11:11, но Романија сепак на паузата замина со предност од еден гол 12:11.

Во вториот дел Романија не дозволи македонските ракометари да ја преземат иницијативата на теренот и првите петнаесетина минути од вториот дел поминаа во игра гол-за-гол, при што во 45-та минута резултатот беше 18:18.

Во завршните десет минути, Романија одново имаше два гола предност 22:20, а на седум минути пред крајот стигнаа и до највисока предност од четири голови 24:20.

Меѓутоа, Романците немаа сила за пресврт и извојуваа минимална победа од 26:25.

На жрепката на 25 јуни Македонија ќе дознае кои ќе и бидат противници.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/06/2018 21:47