Лажна интернет страница со веб сајт скоро идентичен како оној на авиокомпанијата Виз Ер прибира податоци од кредитни картички. Последниве неколку дена на социјалните мрежи постојано кружат линкови споделени од граѓани кои на лажната страница букирале авиобилети за само 1 долар за било која дестинација. Откако скандалот излезе на виделина, јавноста е во паника.

Оние кои ги пополниле формуларите на фејк страницата ,оставиле број на кредитните и потрошувачките картички, измамените се во страв дека ќе ги злоупотребат нивните податоци и ќе бидат оштетени и жртви на сајбер криминал. Една од измамените ја контактираше телевизија Алфа, но по нејзино барање сакаше да остане анонимна. Tаа сподели како била измамена од оваа интернет страница, истакна дека е само дел од многуте кои се измамени и дека телефоните во банките непрекинато sвонат.

Дел од оние кои букирале карти на лажната страница за Алфа велат дека благодарение на брзата реакција се уште не им се повлечени пари од сметките, но и покрај тоа сепак стравуваат дека ќе бидат ограбени , па пристапиле во банките за заштита или блокирање на нивните картички.

Денеска Стопанска банка АД Скопје на нивната официјална страна апелираа до нивните корисници да внимаваат при користење непознати интернет страници како и да внимаваат на името на страницата пред да внесуваат лични податоци и податоци од платежните картички.

„Деновиве актуелна е појавата на се поголем број спонзорирани објави и реклами на Фејсбук од страна на лажни интернет продавници кои се декларираат како застапници на познати светски брендови како ’Визер‘, а со цел собирање на податоци за вашите платежни картички и нивна понатамошна злоупотреба. Доколку се сомневате дека сте ги споделиле вашите податоци и податоците од картичката со лажна интернет продавница јавете се во нашиот 24/7 контакт центар на (02)3100 109 со цел блокирање на картичката и спречување на понатамошна злоупотреба на вашите средства“, велат од Стопанска банка.

Лажната интернет страницата која оперира на македонскиот веб простор, со неколку чекори ги прелажа граѓаните. Со лажна промоција за два авиобилета за само 1 долар, wizzair.com-fly.net, страницата која заради наводната 15 годишнина на Виз Ер, споделила лажна промоција за купување на авиобилети. Регистрацијата на страницата е едноставна, бара одговарање на три прашања, споделување на фејсбук за дека постои таква промоција, и оставање на лични податоци како и број на кредитни картички.

Во Министерството за внатрешни работи велат дека до сега кај нив никој не пријавил случај за лажната страна.

„Ние постапуваме доколку има пријава до нас. За овој случај со продажба на билети за еден долар од ’Визер‘ нема пријава“, велат од МВР.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/06/2018 22:53