Белгискиот професор по информатички технологии од Слободниот универзитет во Брисел, Ив Рогман предупредува дека мобилните телефони на посетителите на светското фудбалско првенство во Русија можеби биле хакирани.

Според Рогман, можно е Русија, преку хакирање на телефоните на белгиските навивачи, да се обиде да влијае врз исходот на изборите во Белгија и за Европскиот Парламент во 2019 година.

- Низ годините, белгиските безбедносни служби не сакаа да се занимаваат со ова прашање, вели Рогман, кој бара мерки на европско ниво за справување со кибер нападите и странското влијание преку социјалните мрежи.

Според белгиските медиуми, руски коментатори се обиделе да влијаат врз јавното мислење во Белгија, особено по исламистичките напади во 2016 година.

Преку т.н. „фабрики за тролови“ во Русија тогаш на белгиските социјални мрежи се постирале коментари насочени против муслиманите.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2018 11:27