Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, во писмо до израелскиот министер за јавна безбедност, Гилеад Ердан, порача дека тој „шири неосновани обвинувања кои служат само за потхранување на кампањи за дезинформација“.
Писмото, испратено на 5 јули, содржи невообичаено остар тон за европската дипломатија, и е одговор на извештај на администрацијата на Ердан, објавен кон крајот на мај, во кој Израел ја обвинува Европската унија дека финансира невладини организации кои поддржуваат тероризам.
Според израелскиот извештај, ЕУ дала околу пет милиони евра за невладини кои го поддржуват движењето за бојкот на Израел, познат како БДС (Бојкот, Деинвестирање и Санкции). Но, никаде извештајот не приложува цврсти докази за такво нешто.
Во нејзиниот одговор, Могерини порачува дека е „неприфатливо“ да се поистоветуваат бојкотот и тероризмот и потсетува дека САД финансиски ги поддржува истите НВО, без тоа да биде посочено во израелскиот извештај.
Високата претставничка потсетува и дека официјалната политика на ЕУ бара да се направи јасна дистинкција помеѓу израелската територија и окупираните територии од 1967 година. Во согласност со оваа политика, ЕУ од 2015 бара сите производи кои потекнуваат од Израел да посочат јасно дали се произведени во окупираните територии, со цел информирање на потрошувачите.
- ЕУ ги отфрла сите обиди за изолација на Израел, меѓутоа самиот факт што една организација или лице се поврзани за движењето БДС не значи дека тој ентитет е инволвиран во потткнувањето или реализирањето на нелегални акти, ниту тоа го дисквалификува од аплицирање за фондови на ЕУ, пишува Могерини до израелскиот министер.
Таа потсетува и дека слободата на изразување е основна вредност на ЕУ и дека ќе продолжи да поддржува организации кои играат улога во промовирањето на меѓународното право, човековите права и демократските вредности.
Израелската влада, коалиција на екстремно десничарски партии, со години веќе редовно упатува остри напади кон низа невладини организации кои се противат на израелската окупација на палестинските територии, нарекувајќи ги, меѓу другото, „петоколонаши“.
Движењето БДС смета дека Израел треба да сноси санкции за окупацијата, по моделот на борбата против апартхајдот во Јужна Африка, додека пак израелската Влада тие движења ги нарекува „антисемитски“ и ги обвинува дека се спротиставуваат на постоењето на државата.
Последните години Владата во Тел Авив стана многу поагресивна кон овие организации, забранувајќи им влез на активистите на своја територија и обивудајќи се редовно јавно да ја дискредитира работата на овие здруженија.